Пет музеи, нула туристи: Горно Врановци оставено во историјата
Објавено: 7 јули, 2026, во 15:12 часот
Горно Врановци е село богато со историја со дури пет музеи. Иако се наоѓа на дофат од Скопје и Велес, без соодветна инфраструктура останува надвор од главните туристички текови. Затворениот и руиниран хотел „Врановци“ е клучната алка. Архитектите нудат конкретни идеи за негова пренамена, кои би можеле да привлечат туристи и да поттикнат развој на ова значајно место во срцето на Македонија.
Иако е на само половина час возење од Велес, или еден час од Скопје, Горно Врановци како единствено село-музеј во Македонија, чија територија е прогласена за заштитено културно подрачје од Министерството за култура, нема туристички потенцијал затоа што единствениот хотел „Врановци“ одамна е затворен.
Селото во моментов е без сместувачки капацитети, освен по некоја викендичка што ја користат сопствениците и ретко нудат сместување.
Хотелот е изграден во 1986 година со средства од 23 државни компании што работеа во Велес и во околината. Сместен во прекрасната дабова и костенова шума, бил вистинска атракција затоа што две децении ги пречекувал учениците и работниците од велешките јавни претпријатија. Се организирале разни свечености и бил „домаќин“ на ученички екскурзии, кои своевремено беа дел од задолжителната годишна програма во основното образование.
Некогаш преполн, денес руина
Аџо Биба, жител на Горно Врановци што раководи со малата продавница во селото близу џамијата, се присети на двете децении кога хотелот функционирал.
„Хотелот работеше одлично. За Нова година четири дена немаше игла кај да фрлиш. Немаше шанса да влезеш за да се напиеш сок и кафе. Сабота и недела беше полно со гости, а во лето имаше гости и во текот на работните денови. Климата е преубава, се седеше секое попладне, луѓето уживаа во чистиот воздух и во дебелите сенки во Врановци. Гостите доаѓаа токму поради климата и планината и штета што сега не работи“, вели Биба за „Локал Актив“.

Како еден од најстарите жители на селото, Биба е свесен дека затворањето на хотелот придонело селото да исчезне од туристичката мапа и економски да ги ослаби граѓаните. Вели дека имало понуди да се обнови и дека придобивките од евентуално отворање ќе ги почувствуваат и жителите, и општината и државата, алудирајќи на приходите и на даноците што би се собирале од работењето на таков објект.
„Се сеќавам дека имаше неколку понуди за да го обноват хотелот, но не знам од која причина, инвеститорите се откажаа. Штета е за нас да не работи, но штета е и за државата. Сите ќе имавме корист од тоа, ќе можеше и да се вработат луѓе од селото. Хотелот е во многу лоша состојба, лом го направија затоа што нема кој да го чува и да го одржува. Треба сериозно инвестирање во објектот за да проработи и повторно да почнат да доаѓаат луѓе од сите страни“, вели Биба.
Некогаш „Врановци“ располагал со 100 легла, современа кујна, ресторан, простории за спорт и базен, но денес е руиниран. Инвентарот е украден или уништен, а времето го сторило своето оштетувајќи ги ѕидовите и подовите.
Мештаните селото го нарекуваат „музеј на отворено“. Во Втората светска војна Горно Врановци било престолнина на општествено-политичките случувања во Македонија. Тука бил отпечатен и првиот број на весникот „Нова Македонија“.
Куќите каде што биле сместени овие институции, денес се спомен-музеи. Вкупно ги има пет. Токму затоа жителите велат дека е идеална локација за развивање „музејски туризам“.

Обвиненија за двајца градоначалници
Хотелот „Врановци“ успешно стопанисуваше сѐ до процесот на приватизацијата на државните претпријатија и потоа премина во рацете на државата. По барање на Општина Велес, на почетокот на 2012 година државата го враќа во рацете на Општина Велес.
Но, наместо Oпштина Велес да стопанисува или да го продаде хотелот, тогашниот Совет на Oпштина Велес, предводен од претседателот Славчо Чадиев и градоначалникот Горан Петров, и двајцата кадри на ВМРО-ДПМНЕ, во јуни 2012 година донесе одлука хотелот да ѝ го подарат на Oпштина Чашка и на тогашниот градоначалник Горанчо Пановски, кој исто така доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
За оваа одлука нема посебно образложение, освен што локацијата на хотелот се наоѓа во Oпштина Чашка.
Славчо Чадиев го наследи Горан Петров во градоначалничката фотелја во периодот од 2014 до 2017 година. На еден месец пред локалните избори, односно на 11 септември 2017 година, МВР му поднесе кривична пријава на градоначалникот Чадиев поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Сомнението беше за делото што го сторил додека бил претседател на Советот на Oпштина Велес на тој начин што го прекршил Деловникот за работа на Општината, 62. седница одржана на 11 јуни 2012.
Како што соопшти МВР тогаш, Славчо Чадиев побарал претходно симнатата точка 6 од дневниот ред, поднесена од градоначалникот на Oпштина Чашка – „Предлог-одлука за пренесување на правото на сопственост на недвижен имот од Општина Велес на Општина Чашка“, по итна постапка повторно да биде вратена на дневниот ред, без да ја образложи итноста.
„Спротивно на Деловникот за работа на Советот на Општина Велес, претседателот С. Ч. веднаш предложил по итна постапка поставување на дневен ред нова точка – Предлог-одлука за пренесување на правото на сопственост на недвижен имот од Општина Велес на Општина Чашка. Притоа, членови на Советот му укажале на претседателот за свесно кршење на Деловникот. Занемарувајќи го мислењето на одредени членови и наведувајќи дека не се работи за истата точка затоа што сега предлагачот бил друг, тој дозволил расправа по таа точка, а подоцна и донесување Одлука по неа. Одлуката во ‘Службен весник на Република Македонија’ била објавена на 16 јули 2012 година”, објавија тогаш во соопштението од МВР.
Според обвинението, во 2012 година двајцата обвинети ја искористиле својата службена положба и овластување, и постапиле спротивно на Деловникот за работа на Советот и на Законот за локална самоуправа, со што ѝ причиниле значителна штета на Општина Велес во износ од 9,3 милиони денари. Откако Советот ја донел одлуката, тогашниот градоначалник на Општина Велес Горан Петров донесол и потпишал заклучок за објавување на ваквата одлука и склучил договор за пренесување на правото на сопственост нотарски заверен, по што оваа недвижност е запишана како сопственост на Општина Чашка.
Измените во Кривичниот законик ги спасија обвинетите
Хотелот ѝ беше подарен на Општина Чашка од Општина Велес, за што двајца градоначалници требаше да одговараат за злоупотреба на службената должност, но ги спасија измените во Кривичниот законик од 2023 година иако судењето за овој предмет започна во декември 2020. Измените од 2023 година предизвикаа остри реакции во јавноста и кај експертите поради значителното намалување на казните за злоупотреба на службената положба. Овие законски промени го скратија времето потребно за застарување на делата, што овозможи прекинување на голем број судски постапки за висока корупција.

Коста Нојков, бранител на Чадиев, за „Локал Актив“ објасни за што точно се однесувало обвинението.
„Станува збор за формалност. Точката за Предлог-одлука за пренесување на правото на сопственост била ставена како итна точка на дневен ред. Претходно била симната еднаш од дневен ред, а на истата седница е поставена повторно. За ова на поранешните градоначалници Чадиев и Петров им подигнаа обвинение, но поради измените настапи застареност на кривичното гонење“, рече адвокатот Нојков и додаде дека, според него, немало ниту кривично дело затоа што таквите одлуки се одлуки на Советот, а не на претседателот на Советот или на градоначалникот.
„Според мене, немаше ниту кривично дело, бидејќи одлуката е на Советот на Општина Велес. Со имотот на Општината располага Советот на Oпштината и тој може да го поклони и да го продаде. Ние одевме со оваа теза затоа што така е според Законот за локална самоуправа. Тука беше таа правна замрсеност. Сега во имотен лист хотелот е заведен на Општина Чашка. Општина Чашка крена раце од хотелот, нема чуварска служба, тоа е руина. Тие треба да си донесат одлука на Советот што ќе прават, но штета е тој и понатаму да пропаѓа. Треба да покажат грижа и да го сочуваат тоа што остана“, коментира Нојков за „Локал Актив Вардар“
Интересно за овој случај е што јавниот обвинител не се откажал од обвинението и не го повлекол поради застареност, како што беше практика со случаите во Основниот суд во Скопје, туку одговорноста ја префрлил на Судот во Велес и тој одлучил отфрлање на предметот.
Судот во Велес, во согласност со изменетиот Кривичен закон во членот 353, донесе одбивателна пресуда, применувајќи поблаг закон, односно измените во Кривичниот законик, кои во меѓувреме стапија на сила и врз чија основа застари делото сторено во 2012 година, во кое беа обвинети Чадиев и Петров за злоупотреба на службена должност.
Адвокатот на Горан Петров, Панче Тошковски, кој сега е актуелен министер за внатрешни работи, во изјава за „СДК.мк“ рече дека во практиката постоеле два такви случаи на пренесување право: едното е право на пренос на градинка од Општина Струмица на Општина Ново Село во 2014 година, кога градоначалник бил Зоран Заев, а второто е во 2018 година со пренесување право на сопственост на Културниот центар на Општина Ѓорче Петров од Град Скопје, кога градоначалник беше Петре Шилегов.
„И двата настана се во период по наводниот кривично-правен настан во Велес, а во тие случаи немаше сомненија за кривично дело“, кажа Тошковски во 2023 година.
Турски државјани сакале да го купат хотелот
По донесувањето на одлуката за пренесување на правото на сопственоста, Општина Чашка веднаш го огласила хотелот на продажба, со почетна цена од речиси 30 милиони денари, односно околу 480 илјади евра.

На првиот повик се очекувало да се јават инвеститори од Измир и Анкара, кои биле, всушност, турски државјани со потекло од Горно Врановци. Но, повикот пропаднал.
Тогашниот градоначалник на Општина Чашка, Горанчо Пановски распишал и втор тендер, со почетна цена од 400.000 евра, но ниту на тој не се јавиле инвеститори.
Три тендери беа распишани и сите пропаднаа, иако имаше најави дека граѓани од Измир, Турција, со потекло од Горно Врановци, се заинтересирани да го купат и да го отворат.
Не е познато од која причина турските бизнисмени, чии родители биле токму од Горно Врановци, се предомислиле и побарале од Општината спогодбено да се раскине преддоговорот за купување на хотелот склучен на 29 декември 2014 година.

Четири пати поевтин, но нема инвеститори
При увидот во случајот со преносот на хотелот во Горно Врановци од Општина Велес на Општина Чашка, во септември 2012 година инспекторите за локална самоуправа констатирале дека донесената одлука за подарување на хотелот во Горно Врановци е спротивна на законот. Според Инспекторатот, „точката на дневен ред со која објектот се подарува е повлечена, па потоа на истата седница е ставена како итна, што е спротивно со Деловникот на работа на Општина Велес“.
Еден месец подоцна, во октомври 2012 година, Уставниот суд се прогласи за ненадлежен да ја оценува иницијативата за преиспитување на одлуката на тогашниот Совет на Општина Велес. Според тогашното објаснување на судот, стануваше збор за поединечен акт, а Уставниот суд не ги работи овие случаи.
Одлуката на Уставниот суд да не ја разгледува законитоста, Општина Чашка го протолкувала како позитивен одговор за нив.
Хотелот во Горно Врановци е запишан на носителот на правото на сопственост на име Општина Чашка со ИЛ бр.125 КО Горно Врановци, рекоа од Општина Чашка за „Локал Актив“ и додадоа дека Советот ќе одлучи што понатаму со хотелот по пропаѓањето на неколкуте обиди да се продаде.
„Со сопственоста на Општината, во согласност со Законот за локална самоуправа располага и одлучува Советот на Општината, и доколку Советот донесе одлука во таа насока, градоначалникот ќе ја спроведе“, одговорија од Општина Чашка.
Но, ако одлучи повторно да го продава, Советот на Општина Чашка ќе мора да се задоволи со помали приходи од неговата продажба, затоа што вредноста на хотелот по 11 години од последниот обид да се продаде е намалена за четири пати.
„Последна процена е направена во 2023 година, и во согласност со Законот за процена и Методологијата за утврдување пазарна вредност донесена од Владата на РМ од овластен проценител, е утврдена неговата пазарна вредност на околу 125.000 евра“, одговорија од Општина Чашка за „Локал Актив Вардар“.
Додека институциите со години ја префрлаат одговорноста, хотелот „Врановци“ продолжува да пропаѓа, а со него и можноста Горно Врановци да го развие својот туристички потенцијал. Некогашниот симбол на селото денес е потсетник дека без јасна одлука и инвестиции, еден значаен дел од културното и туристичкото наследство ќе продолжи да исчезнува.
*Орце Костов е новинар
Истражувачката приказна е медиумски производ на Локал Актив Вардар
