Со снимка од видеоигра се портретира ,,Духот на Киев”
Видеото споделено во постот што го рецензираме не е од „мистериозен пилот“, туку претставува секвенца од видеоигра „Digital Combat Simulator World“. Портпаролог на компанијата издавач за „Ројтерс“ потврди дека материјалот е навистина од видеоиграта
Рецензираме пост објавен на Фејсбук, во кој е споделена вест за „Духот на Киев“. „Духот на Киев“ е непознато лице коешто, наводно, e мистериозен пилот на украински миг-29 кој срушил 10 руски авиони над небото над Киев.
(ВИДЕО) СИТЕ ЗБОРУВААТ ЗА НЕГО, ГО НАРЕКУВААТ ДУХОТ НА КИЕВ: КОЈ Е МИСТЕРИОЗНИОТ ПИЛОТ НА УКРАИНСКИ МИГ-29 КОЈ СРУШИ 10 РУСКИ АВИОНИ НА НЕБОТО НАД КИЕВ!
Во текстот е споделено видео од 38 секунди на кое се гледа дека некој авион е погоден, запален и се руши.
Меѓутоа, оваа видео секвенца не е од вистински настан, туку од видеоиграта Дигитал Комбат Симулатор Ворлд (Digital Combat Simulator World) и во видеото може да се види од третата до 10 секунда.
Оваа снимка е од играта, но, во секој случај е направена од почит кон Духот на Киев…., напиша на Јутјуб лицето кое што ја прикачи снимката, на 25 февруари 2022 година.
Портпаролог на „Digital Combat Simulator World“ за „Ројтерс“ потврди дека материјалот е навистина од видеоиграта.
Инаку за „Духот на Киев“, веќе нашироко се пишува, и на социјалните мрежи истиот се портретира со низа лажни видеа и фотографии за кои не може да се докаже чии се.
Засега постоењето на пилотот нарекуван „Духот на Киев“, не може да се потврди. Она што е сигурно е дека многу од споделените видеоматеријали кои го портретираат наводниот пилот, се или манипулирани или од видеоигри или припаѓаат на други настани, или се стари.
Ќе го наведеме примерот на поранешниот украински претседател Петро Порошенко, кој на Твитер сподели фотографија од лице за кое тврдеше дека е „Духот на Киев“, а која е три години стара и објавена на страницата на украинското министерство за одбрана.
На фотографијата е пилот со нов француски шлем. Дури и на фотографијата навистина да се наоѓа „Духот на Киев“, сепак фотографијата е стара. Нема докази дека лицето е навистина истиот пилот или дека тој постои или не постои.
Засега овој факт е недокажлив, а „Духот на Киев“ останува во доменот на легендите и се користи претежно за да се мотивира украинската војска. И проверувачите на факти на „Дојче Веле“, забележуваат низа на фотографии, лажни или стари видеоматеријали со кои се портретира оваа личност на социјалните мрежи, а кои не може да се доведат во корелација со него.
Сепак, видеото споделено во постот што го рецензираме, дефинитивно не е од пилотот, бидејќи претставува секвенца од видеоигра. Оттука, постот го оценуваме како пост во којшто е пропуштен контекстот (missing context).
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар