Ансамбл „Керамичар“ од Велес пристигна во Бугарија – подготвени за настапи на „Црноморски бисери“
Објавено: 7 август, 2025, во 12:31 часот
Триесет и двајца играорци од фолклорниот ансамбл „Керамичар“ од Велес утрово пристигнаа во Несебар, Сончев Брег, Бугарија. Во наредните шест дена тие ќе ја претставуваат Македонија и македонскиот фолклор пред бројна меѓународна публика на Интернационален фестивал „Црноморски бисери“.
Со кореографиите „Овчеполка“, „Сред село“ и „Поречки игри“, ансамблот ќе настапува во автентични носии од различни региони, носејќи го духот на традицијата на сцени во Саинт Влас, Несебар и Поморие.
Претседателот на ансамблот, Томе Јаневски, изјави дека патувањето поминало во најдобар ред и дека денешниот ден е резервиран за одмор и уживање на плажа и покрај базенот.

-Ова е втор пат како нашиот ансамбл учествува на овој фестивал. Како и секогаш, сме подготвени да се покажеме во најдобро светло и гордо да ја претставиме нашата земја и богатото културно наследство, изјави Јаневски.
Во текот на престојот, покрај настапите, ансамблот ќе оствари и културни средби со учесници од други држави, што е уште една можност за размена на искуства и промоција на македонската култура на интернационално ниво.
Ансамблот „Керамичар“ со својата енергија, посветеност и љубов кон традицијата уште еднаш потврдува дека фолклорот е жива врска помеѓу минатото и сегашноста и мост кон светот.
Стефани Манева


