(фото) Повторно се работеше со глина во куќата на Рацин – ученички од Велес во улога на млади археолози
Објавено: 25 септември, 2025, во 14:47 часот
Дванаесет ученички од основните училишта во Велес денеска учествуваа во едукативно-креативната работилница под наслов „Звуците на глината во прегратките на куќата“, која се одржа во куќата на Кочо Рацин. Настанот е дел од програмата за одбележување на Европските денови на културното наследство и претставува втор активен проект во организација на Народен музеј Велес.

Работилницата имаше за цел да ги доближи децата до археологијата и музејската работа, како и да им овозможи практично искуство поврзано со културното наследство. Преку креативен и интерактивен пристап, младите учеснички имаа можност да го разберат процесот низ кој еден археолошки предмет поминува – од пронаоѓање во земја, преку истражување, реконструкција, па сè до поставување во музејска витрина.
-Работилницата се одвива во два дела. Во првиот дел, децата преку кратка презентација се запознаа со развојот на куќата од минатото па се до средниот век и со важноста на глината во археолошките истражувања. Им објаснивме како изгледа процесот на пронаоѓање на предмети од глина, кои се едни од најчестите археолошки наоди и како тие потоа завршуваат во музејските витрини, за Дума.мк изјави Анита Василкова Мидоска, кустос-советник и археолог во Народен музеј Велес.
Во вториот дел од работилницата, ученичките имаа задача да составуваат скршени керамички предмети – слично како што археолозите реконструираат артефакти од бројни фрагменти. Дополнително, тие самите моделираа предмети со глина и глинамол, користејќи инспирација од музејски експонати.
-Целта ни е преку вакви активности да изградиме интерес и почит кај децата кон културното наследство уште од најмала возраст. Сакаме оваа работилница да прерасне во традиција и да трае подолг временски период, создавајќи идни генерации на свесна и активна музејска публика, додаде Василкова Мидоска.
Работилницата е резултат на долгогодишна посветеност и теренска работа на археолошките локалитети на Анита Василкова Мидоска и Лидија Ѓорѓиевска – документатор од велешкиот музеј. Со нивното стручно знаење и ентузијазам, тие успешно ја доближуваат археологијата до младите и го оживуваат културното наследство на креативен и инспиративен начин.
На самиот крај од работилницата, сите учеснички добија благодарница за учество како вреден спомен од ден посветен на културата, глината и историјата.
Стефани Манева




