(фото) Промовирана осмата книгата „Детски мечти“ на велешанката Лили Арсова
Преку драматизација и со убави зборови од писатели и професори, денеска, во медијатеката на градската библиотека „Гоце Делчев“, на светскиот ден на детската литература беше промовирана книгата „Детски мечти“ на велешанката Лили Арсова. Оваа книга во која има седум приказни кои на различен начин го објаснуваат значењето на другарувањето и љубовта ја доби и наградата „Пелистерски ракувања“ на Дата –Песнопој Битола .
Промоторот Васил Тоциновски преку интеракција со присутните деца во публика успеа да прокоментира дел од сказните и напомена дека „детските мечти“ се всушност филозофија за пријателство, поточно другарување на детето со животниот свет.
-Оваа книга е напишана со лирски нагласена структура, со убаво читлив јазик за младите. На првото читање имав впечаток дека ме навраќа на магијата на приказните од „1001 ноќ“, но не можам да не се потсетам и на своето детство и на нашиот сограѓанин Борис Мајсторов и легендарните „101 приказна“. Додека ги читав детските метчи , сфатив дека книгата содржи седум сказни, па така нашата авторка Лили успеала да создаде по една сказна за секој ден во неделата, додаде Тоциновски.
Промоцијата течеше во пријатна атмосфера, но вистинско уживање беа двете драматизации инспирирани токму од сказните на Арсова. Учениците од Блаже Конески и Васил Главинов успеаа до публиката визуелно да ги доловат приказните „Црвената роза и бубамарата Бела“ како и „Танцот на пеперутките“.
Ова е осма книга на велешанката Арсова која секогаш твори за најмладите, но сите книги и се прочитани и од возрасната читателска публика. Пред многубројната публика денеска таа искрено се заблагодари за нивното присуството, за прекрасните зборови од промоторот како и на децата кои успеаа приказните да ги пренесат до публиката.
-Сите мои книги се наменети за деца и за младите, но книгата нема граница на читателска публика и може да ја читаат и возрасни. Јас лично уживам во бајките истовремено и додека ги читам и додека ги пишувам, но најмногу додека ги раскажувам. Постојано имам детска публика на која можам да ги раскажувам сказните а тоа се моите ученици во училиште, моите внуци, моите комшиски дечињата со што имам постојано на кого да читам, раскажувам и за кого да творам, додаде Арсова.
Со две музички точки настанот дополнително го збогати и Бубе Лазов од музичкото училиште од Велес.
Стефани Манева
фото галерија: