(фото) Промовирана првата стихозбирка „Меѓу копнежот и сонот“ на велешанката Соња Карбева
Дваесет и пет песни поделени во три циклуси насловени „Во потрага по спокојот“, „Во потрага по себе“, „Песни вон циклусите“ и една воведна песна содржи првенчето „Меѓу копнежот и сонот“ на велешанката Соња Карбева. Промоторката Десанка Николова пред присутните љубители на пишаниот збор собрани во Ликовниот салон, објасни дека стихозбирката на професорката по македонски јазик Соња Карбева и покрај тоа што е дебитантски ракопис носи поетска зрелост, реализирана на мотивски, на идеен и на значенски план.
-Оваа стихозбирка нуди високи естетски квалитети и е во дослух со новите книжевни тенденции. Станува збор за стихозбирка во чии поетски конструкции, теми и мотиви се навестува едно исклучително зрело поетско остварување.Книгата започнува со пролог во којшто е сместена песната со наслов „Песна по многу години“ која на некој начин претставува вовед во поетската расклопка на oна што поетесата го носи во себе и кое излевајќи се надвор од неа станува река од зборови која го бара своето течение до читателот длабејќи ново корито, додаде Николова.
Втората промоторка, Виолета Танчева Златева откри дека на Карбева и биле потребни повеќе години за да се осмели да ја објави својата прва стихозбирка.
-Со оглед на тоа што Соња е моја пријателка веќе 38 години, некои песни ги имав прочитано веднаш по нивното создавање, оти често таа имаше некое чуство на недовршеност и недоработеност. Апсолутно тој што ја знае Соња добро, може сосема лесно и отворено да ја открие преку стиховите во книгата. Соња како човек е многу искрена, има многу топла душа и тоа читателите можат да го видат во сите нејзини песни. Пишува отворено за сите чувства, болки и за загубата. Една од нејзините цели е нам како читатели да ни понуди утеха во моменти кога се соочуваме со лична загуба, додаде Танчева Златева.
Професорката по македонски јазик и литература Карбева ни откри дека чуствува голема возбуда за своето првенче и додаде дека продолжува со пишување и на други книги.
-Од се што во еден период ме вознемируваше но и ме охрабруваше дека треба да пронајдам излез да премостам еден момент на емоционална болка и тој момент беше пресуден да продолжам и понатаму и да создадам и друг вид на поезија. Пишував уште во моите детски години, во период од основно образование се до моите студии но потоа замре поради други обврски кои биле приоритетни и сега имам доволно време за себе но и за поезијата, додаде Карбева.
Инаку на самата промоција имаше и музички дел како и читање на дел од песните.
Стихозбирката „Меѓу надежта и копнежот“ е во издание на издавачката куќа Збор од Велес, а поддржан од Министерство за култура на овогодинешниот Конкурс за поддршка на проекти од национален интерес во литературата и издавачката дејност.
Стефани Манева