Хуманитарен концерт „Единство“ во Градско
Во рамки на проектот „Црвен крст во акција промоција на хумани вредности“ се изработуваат мали проекти, преку кои се промовираат хуманите вредности. Од Општинска организација на РСМ – Црвен крст Велес велат дека проектот којшто се изработува во Општина Градско промовира мир, соживот, толеранција меѓу луѓето од различна етничка припадност коишто живеат во оваа општина.
-За нас волонтерите од Црвен крст мирот, соживотот и толеранцијата претставуваат три основи на кои треба да се заснова едно општество. Да се има мир значи да немаме конфликт, да се има соживот значи да се почитуваме себеси но да ги почитуваме и другите, да се има толеранција значи да се има целосна почит и разбирање кон другиот, кон нивните идеи и верувања, без разлика дали истите се разликуваат од нашите, пишува во соопштението на велешки Црвен крст.
Хуманитарниот концерт „Единство“ ќе се одржи на 4-ти јуни, сабота, во Дом на култура „Крсте Петков Мисирков“ во Градско со почеток во 18:00 часот.
Стефани Манева