Хуманитарно поетско читање – „Сите за Ива“ во книжарница – кафе „Збор“

Објавено на 28 јуни, 2023 во 10:27

Четиринаесет автори и неколку музичари од музичкото училиште „Стефан Гајдов“, вчеравечер, во просториите на книжарница- кафе „Збор“ одржаа книжевно – музички хуманитарен настан. Тие читаа по една своја поезија, уживаа во добра музика и донираа за младата велешанка Ива која две години се лекува како резултат на леукемија.

Фото: Ученици од ООМУ „Стефан Гајдов“

Сопственичката на книжарница – кафе „Збор“, Емилија Златкова Анастасова, рече дека е пријатно изненадена од одзивот и на учесниците и на посетителите.

Фото: Емилија Златкова Анастасова

– Овој настан првично беше организиран за помош за младиот Кико, кој за жал не напушти. Па читавме за Кико, а собравме средства со продажба на книги, што повеќето автори учесници ги донираа за младата Ива. Секогаш можеме да помогнеме на некој, секој од нас, колку и да мислиме дека не можеме . И убаво е да знаеме дека во тешките моменти не сме сами. Токму тоа ние оваа вечер сакавме да ѝ порачаме на Ива, дека не е сама. Се надевам дека ова ќе биде поттик и инспирација и за други исти и слични настани, додаде Златкова Анастасова.

Фото: Вероника Саздова

Иницијатор на ова хуманитарно поетско читање е Вероника Саздова, додека во реализацијата покрај неа беа вклучени и книжарница – кафе „Збор“, Издавачка куќа „Збор“ и Наталија Ристова.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.