Играорците од Ансамбл „Керамичар“ гости на фолклорниот фестивал „Св. Атанасиј 2025“ во Иловица

Велешкиот Aнсамбл „Керамичар“ со своите изведби беше дел од фолклорната манифестација „Св. Атанасиј 2025“, која вчера вечер се одржа во Иловица, Струмичко. Играорците од Велес пред публиката се претставија со две впечатливи кореографии — „Прилепски игри“ и „Тресеница“, кои беа проследени со бурни аплаузи и искрени овации од присутните.


Настанот, организиран од КУД „Св. Кирил и Методиј“ со поддршка од Општина Босилово, претставуваше вистински празник на традицијата, со друштва кои ја претставија културата и обичаите на своите региони. Програмата беше збогатена и со настапите на домаќините КУД „Св. Кирил и Методиј“ од Иловица, како и со учесниците од Косово, потоа АТМИ „Митко Алексов“ и Фолклорниот Ансамбл „Осоголски извори“.


По завршувањето на фолклорниот дел, жителите и посетителите уживаа во богата музичка програма со настапи на Фигаро Бенд со Игор Ангелов, Кристијан Ќосев, Ленче и Горан Кукич, како и Благица Калева.

Ансамбл „Керамичар“ со својот настап уште еднаш покажа дека Велес има што да понуди кога станува збор за зачувување и неговање на македонската фолклорна традиција.
Стефани Манева
