Издумани крлевизми: „Може да се живее и сто години, а да не се одживее ниту миг“
Објавено: 26 септември, 2025, во 11:35 часот
Велешкиот афористичар Атанас Крлевски овој петок одвои дваесет нови издумани крлевизми петок посветени на „староста“. Со својот препознатлив хумор и сатиричен стил, тој уште еднаш нè потсетува дека и староста има свои духовити вистини. Уживајте:
-Мојата старост? Втора младост!
-Успешно се снаоѓам во улогата на дедо. Главниот лик е душа дете.
-Не сум стар, ама ме издава лифтот, кога е расипан.
-Пензионер по дома: ако не ги бара очилата, го бара мобилниот телефон.
-Во младоста трошев на медицински сестри. Сега на доктори.
-Во мојот случај, старомоден значи: стар и модерен!
-Немам проблеми со возраста. Филозофирам од млади години.
-На мои години најгорд сум во градскиот превоз. Јас стојам, а младите седат.
-Село гори, баба се чешла, а дедо и го држи огледалото.
-Баба и дедо се фалат: За 69 и на седумдесет сме алфа и омега.
-Јас ги кријам денот и месецот, а не и годината на раѓаење. Подобро е да сум стар, отколку да честам.
-Новата година, внук ми ја дочека уште со две деца: со мене и со баба му!
-Не брзам да пораснам.Само што наполнив шеесет години.
-Ме надмина времето. Ми ги остави добрите манири.
-Не сакам тоа што сакав од дете, но сеуште детето е во мене.
-Пензионерите имаат носечка улога во општеството. На грб ги носат невработените млади.
-Не сум остарен. Сеуште ме држи кризата на средните години.
-Цел живот сум дете. Освен во личната карта.
-Животот пишува романи, а јас остарев со чкртки – мртки.
-Може да се живее и сто години, а да не се одживее ниту миг.
Афористичар Атанас Крлевски
Дума.мк


