Издумани Крлевизми-„Современ обичај: низ прстен да те гледам во контото да ти влезам“
Празнично, афористичарот Атанас Крлевски ве почести со вкупно 25 Етноафоризми. Иако денешниот е најтажен ден во верскиот календар сепак на момент прочитајте и насмевнете се.
1. Ако имавме ладни глави, не ќе изгоревме под сенка.
2. Село гори, баба се чешла, а дедо и го држи огледалото.
3. Немам влакна на јазикот, па одамна немам и на главата.
4. Се китев со туѓо перје и… станав прва перјаница!
5. Седев на две столици. Сега стојам на една нога.
6. Никогаш не зборувам за вкусовите. Кога се јаде, не се зборува.
7. Со жените е како мечка кога се жени: и врне и сонце грее.
8. Вујко владика внук не рани, но тешко кој го нема.
9. Денес кој прашува – талка!
10. Едни имаат од пиле млеко, а други пилешки копани.
11. Жената ги отвара сите врати. Затоа внимавам некоја да не ми ги отвори оние од пеколот.
12. За да си го обелиш образот, треба да имаш чисти раце.
13. Не симнувајте им капа! Ќе мислат дека просите.
14. Современ обичај: низ прстен да те гледам во контото да ти влезам.
15. Тие што ја молзат државата имаат од пиле – млеко.
16. Неговите ракатки со левата, срп не ги сече!
17. Занаетот се краде. Само крадењето да не ви стане занает!
18. Има високо мислење за себе. Му лета умот.
19. Кога ви паѓа секирата во медот, проверете дали е природен!
20. Кој не ме знае, скапо ќе ме плати. Кој ме знае, пет пари не дава за мене.
21. Лекот е пет пари, ако не ви побараат повеќе.
22. Љубовта е слепа! Единствена причина зошто ме сака жена ми.
23. Модата се враќа, ама не и струкот.
24. Ништожникот нема да ви го запали житото. Ќе ви го изеде лебот.
25. Овде тече мед и млеко. Медот е вештачки, а млекото со вода.
Афористичар
Атанас Крлевски