Излезе од печат книгата „Ќе видите вие што е тоа мрак“ на велешкиот сатиричар Димитар И. Вилазорски

Десеттата книгата со наслов „Ќе видите вие што е тоа мрак!“ содржи избор од околу 500 афоризми, печатени во претходните книги, како и афоризми кои што до сега не се печатени во книги, но се објавувани во реномирани сатирични списанија и дневни весеници. Насловот извлечен е од еден афоризам: „Го слушам водачот како си шепоти во себе: Ќе видите вие што е тоа мрак“!
Според рецензентот Витомир Теофиловиќ, познат српски писател и литературен критичар, Вилазорски создал збирка со остроумни и луцидни опсервации, книга која буди критичка свест и поттикнува совест, книга со остра сатира и раскошен хумор на книжевни вредности.

Дума.мк објавува дел од афоризмите од оваа книга на велешанецот Димитар Вилазорски.
„Афоризмот е страшна работа. Особено за оние кои што од ништо не се плашат.“
„Растерете го афоризмот од зборови. Да добие на тежина.“
„Убавите соништа ние можеме само да ги сонуваме.“
„Го слушам водачот кон светлата иднина како си шепоти во себе: Ќе видите вие што е мрак!“
„Одејќи по патот кон светлата иднина пропаднавме во црната дупка на минатото.“
„Нас не нé плаши иднината. Навикнавме да живееме во мрак.“
„Не и се радувајте на светлата иднина. Нас и тогаш нема сонце да не огрее.“
„Водачот ќе се бори за опстанок на власт до последниот свиреж.“
„Каменот што го туркаше Сизиф до врвот на правдата, пропадна во некоја дупка.“
„Правдата е слепа, но понекогаш прогледува низ прсти.“
Убавка Јаневска
