Јубилејна 30-та изведба на хит-комедијата „Вечера за глупаци“, билетите пуштени во продажба
Објавено: 12 декември, 2025, во 14:01 часот
Јубилејното 30-то издание на една од најгледаните претстави на локалната сцена, комедијата „Вечера за глупаци“ од Франсис Вебер ќе биде одиграна во вторник, на 16 декември со почеток во 20:00 часот, објавија од велешкиот театар „Ј.Х.К Џинот“.
Претставата веќе подолг период е вистински театарски хит и низ Македонија. Каде и да гостува ја освојува публиката со смеа, позитивни реакции и стоечки овации. Сепка, Велес останува едно од местата кадешто оваа комедија традиционално се игра пред преполна сала.
Во ова јубилејно издание настапуваат Фаик Мефаилоски, Жарко Спасовски, Сандра Танчева, Благојчо Стојанов, Талија Настова, Кире Ацевски и Јордан Витанов, под режија на Ненад Витанов.
Како што соопштија од велешкиот театар, особено внимание привлекува интерпретацијата на актерот Фаик Мефаилоски, чија комичност и изразена актерска енергија му донесоа значајни признанија и го претворија неговиот лик во еден од препознатливите театарски моменти на ова дело.
Комедијата ја следи приказната на група „џентлмени“ кои секоја недела организираат вечера на која секој треба да донесе „глупак“ – личност што ќе ја исмеваат. Но планот се урива кога еден од „поканетите“ несвесно ќе предизвика хаос, откривајќи дека вистинската глупост често се крие токму кај оние што мислат дека се над сите. Резултатот е урнебесна комедија полна со пресврти, хумор и заразна енергија.
Билетите се пуштени во продажба и интересот е голем, па се препорачува навремено обезбедување места.
Стефани Манева
