Кавадаречкиот театар подготвува нова претстава – „Смртта на еден човек на Балканот“
Објавено: 10 септември, 2025, во 11:50 часот
Театарот при Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ започна со подготовките за нова претстава, која се очекува да биде вистински театарски хит оваа есен. Станува збор за драмата „Смртта на еден човек на Балканот“, чиј автор е српскиот сценарист и режисер Мирослав Момчиловиќ.
Како што соопштија од Домот на културата, пробите официјално започнале околу 22 август, и веќе неколку дена се одвиваат во позитивна и креативна атмосфера. Преводот, адаптацијата и режијата се дело на Александар Малинков, кој истовремено и настапува во претставата.
На сцената ќе се појави импресивна актерска екипа составена од Диме Коцевски, Видан Станоев, Диме Боцев, Сузана Димова, Цветанка Прочкова, Петар Јованов, Благица Боцева, Сашко Орешков, Костадин Прокопов, Никола Колев Зезо и самиот Александар Малинков. Со толку силна и посветена актерска постава, кавадаречката публика може да очекува вистинско театарско уживање.
Премиерата на претставата е најавена за октомври 2025 година, а од Домот на културата најавуваат дека наскоро ќе следуваат повеќе информации околу точниот датум и продажбата на влезници.
Стефани Манева
