Коки: „Мудроста доаѓа со годините, ама често ја однесуваат грижите“
Објавено: 10 ноември, 2025, во 10:02 часот
Велешкиот афористичар Коки со своите афоризми умее во неколку зборови да каже многу. Тоа се кратки искри на мудрост и иронија, што ја осветлуваат стварноста со доза хумор и длабока мисла. По повод неговиот роденден – 12 ноември, ви ги пренесуваме 12 свежи афоризми од Коки, како мал подарок за читателите на ДУМА.
Тимот на Дума.мк му посакува добро здравје, творечка енергија и уште многу години успешна соработка!
-Секоја власт ветува ред, но најпрвин ги средува своите редови.
-Македонија е држава каде што секој втор граѓанин е политички аналитичар, а секој трет…РАЗОЧАРАН.
-Секојдневието ни се претвори во своевиден циркус, само што кловновите во политиката се уште не сфаќаат, дека и тие се дел од настапот.
-Народот молчи, тоа е најгласниот аплауз што го добиваат политичарите.
-Секој ден е нова страница, не пишувај го со старите грешки.
-Најтешкиот животен испит, несомнено е оној…ДА СТАНЕШ ЧОВЕК МЕЃУ ЛУЃЕТО.
-Љубовта не се мери со зборови, туку со тишината што ја разбираат двајцата.
-Љубов е она кога двајцата мислат дека се еден, се додека не сфатат, кој од нив всушност е…ШЕФОТ.
-Бракот е договор, во кој двајца луѓе решаваат да ги делат сите проблеми што ги немале додека биле сами.
-Пред бракот, таа зборува-тој слуша, во бракот, двајцата зборуваат-соседите слушаат.
-Секој ја посакува вистината се додека не ја слушне за себе.
-Мудроста доаѓа со годините, ама често ја однесуваат грижите.
Афористичар Никола Бошков Коки
Дума.мк


