Живее од ден за ден, но има големи планови за светска кариера!
Велешанецот Благој Ламјов, полека, но сигурно прераснува во препознатливо име во светот на музичарите.
Домот му е во центарот на Чикаго, изминативе години патуваше во Јапонија, Кина и Шветска, за деновиве конечно да стигне до родниот Велес. Дума.мк го искористи престојот на светски познатиот кларинетист Благој Ламјов за да поразговара за неговите последни успеси. На колеџот во САД магистрираше пред една година, предава кларинет во тамошно училиште, на свирки е речиси секој ден во неделата, но во меѓувреме ја афирмира македонската музика насекаде во светот.
„Шетам многу дури понекогаш преку глава ми е од патување. Последно каде што бев се Кина и Јапонија, на шест недели и свирев филмска музика со еден синфониски оркестар од Америка. Дел од луѓето таму научиле македонски фолклор и навистина знаат повеќе од некои наши професори по етно музикологија. Таков пример се Џон Кво и Галија кои се кинези, но луѓе кои знаат повеќе за македонскиот фолклор и музика и од нас“, вели Ламјов.
{youtube}http://www.youtube.com/watch?v=F6MG430AznI&feature=youtu.be{/youtube}
Вели нескромно е што ќе речам дека сум еден од најбараните кларинетисти во Чикаго, но горд сум што имам огромна можност да бидам амбасадор на традиционалната музика од нашите простори. На својот инструмент обожава да свири секаква музика од народна до класична, на свадби и во ресторани но и во огромни концертни сали.
„ Многу е тешко да се опише чувството со збор како е да се стои на сцена без разлика колкава публика те гледа, тоа може само да се почувствува. Таа возбуда пред, за време и по концерт, во ресторан или седенка со колегите, таа возбуденост мислам дека ми го продолжува животот“, вели Ламјов
Шетајќи по светот наишол на многу интересни луѓе и невообичаени случки. Дел од нив откри и пред нас.
„Имав интересно искуство еднаш. Бев во ресторан со еден пријател и тоа да ти бил ресторанот на личниот кувар на Опра Винфри. Човекот дојде и кажа дека пред неколку недели се видел со Лејди Гага која од него побарала да му ја исполни желбата на нејзиниот татко. А тоа било токму со него да отворат заеднички ресторан бидејќи тоа е животниот сон на нејзиниот татко“, раскажува Ламјов.
Ламјов подолго време е заминат од земјава, но секогаш кога ќе се врати сака да научи нешто ново за нејзината историја. Неоставрена желба му е да патува низ светот и свири со виртуозот на пијано Симон Трпчевски. Сепак вели живеам од ден за ден, ја користам секоја шанса и имам големи планови за светска кариера.
„Ако тргне работата со музичкото училиште каде што предавам можеби и ќе останам во Чикаго. Мислам дека ако си заминам од таму градот нема да биде ист без мене. Ќе се пофалам, но сметам дека таму сум еден од најмоќните музичари, најискрено. Другиот план ми е ако можам да постигнам светска кариера, но тоа е многу тешко.Колку и да е добар продуктот тешко е да се продаде кога го немаш името, кога тоа не е познао и големо. Но, се надевам и трудам. Се гледа една мала светилка на крајот од тунелот и се надевам дека ќе и се доближам и успеам во животот“, вели Ламјов.
Моите учители се мои кралеви вели Ламјов и смета, дека патот до успехот е многу полесен кога се учи од најдобрите. Порачува дека за да се измени состојбата со младите музичари од земјава е потребен подобар однос на професорите со учениците.\Б.Н.