Литературата како огледало на времето – кавадаречките средношколци со силна порака преку перформанс

Седумнаесет ученици од гимназијата „Добри Даскалов“ од Кавадарци, вчера, одржаа литературен перформанс насловен како „Слушни ја мојата приказна“ во градската библиотека „Феткин“ од истиот град. Овој перформанс претставува литературна адаптација на класиците од светот и од Македонија во насока на споредба што не учи литературата од минатото а го живееме денес.

Директорот на кавадаречката библиотеката, Петар Гурев појасни дека настанот го организираат во соработка со гимназијата ,,Добри Даскалов” од овој град.
– Оваа наша соработка, овозможи професорката Васка Петкова да адаптира цел перформанс од 7 различни, добро познати дела, да се споредат со денешницата. Со овој перформанс, младите гимназијалци, на мое огромно задоволство, даваат порака до останатите, дека иако живееме опкружени со модерна технологија, книгите ни се учители без кои не можеме. Се надевам дека пораката од овие млади личности ќе стигне до поширокиот аудиториум и ќе направи промена во гледањето на книгите во однос на технологијата, објасни Гурев.

Учениците на крајот беа наградени со аплауз од страна на присутната публика. Ваквите иницијативи се доказ дека љубовта кон литературата и желбата за длабоко разбирање на светот не исчезнуваат, туку само ја менуваат формата.
Стефани Манева
