Македонско стрип издание дел од селекцијата на фестивалот Supertoon во Хрватска

Ревијата „СТРИП КРЕАТОР“ бр. 38, во издание на Стрип центарот на Македонија од Велес, е едно од седумте стрип списанија избрани за официјалната селекција на престижниот фестивал Supertoon, кој ќе се одржи од 21 до 25 јули во Шибеник, Хрватска. Ова издание е финансиски поддржано од Министерството за култура и туризам на Македонија, а влезе во конкуренција со 21 пријавено списание од Европа и пошироко.
-Изборот на нашето списание на еден од најреномираните европски стрип фестивали е големо признание за нашата долгорочна работа и придонесот кон развојот на стрип културата во Македонија, изјавија Томе Трајков, програмски координатор на Стрип центарот.

Во потесната селекција, покрај „Стрип креатор“, се најдоа и списанијата OHOHOzine, Стрип префикс и орационалист од Хрватска, рас комик од Србија, како и винтарт и вирџина од Црна Гора.
Како што информира Трајков, фестивалот Supertoon има специфичен фокус на стрип изданија и вклучува повеќе категории – од стрип списанија, до книги и фанзини. И оваа година имаше значителен интерес со голем број пристигнати изданија од различни земји.
-Ова претставува важен чекор кон поголема видливост на македонскиот стрип на европската мапа. Очекуваме во наредните години учеството на македонски издавачи да биде уште позабележително, додава Трајков.
Благодарение на поддршката од македонското Министерство за култура и туризам, Трајков лично ќе присуствува на фестивалот, каде што ќе организира панел-промоција на македонската стрип сцена. Покрај официјалната програма, ќе се одржат и промоции, продажни берзи и неформални средби меѓу издавачите.
Стефани Манева
