Музичкото училиште „Стефан Гајдов“ од Велес домаќин на завршната мобилност од ЕРАЗМУС+ проектот „Музикодирање“
Објавено: 26 септември, 2025, во 15:13 часот
Со пет исполнети и креативни денови, исполнети со музика, културна размена и уметничка соработка, заврши последната мобилност од ЕРАЗМУС+ проектот „Музикодирање“, чиј домаќин оваа година беше музичкото училиште „Стефан Гајдов“ од Велес. Гости на мобилноста беа партнерите од Основното музичко училиште од Меткович, Хрватска и Музичкото училиште од Мачерата, Италија.

Програмата беше збогатена со заеднички музички работилници, настапи и дружења, а централниот настан беше завршниот концерт на кој беа изведени осум аранжмани на фолклорни композиции – дел од вкупно дваесет изработени во рамките на проектот. Музиката, како универзален јазик, повторно докажа дека нема граници и дека младите музичари можат преку ноти да изградат мостови меѓу различни култури.
Оркестарот составен од дваесет млади музичари, предводен од м-р Илија Настовски, на сцената успеа да спои елементи од националниот фолклор со класичната музика, во еден уметнички израз кој остави силен впечаток врз публиката. Особено значајна беше и поддршката од наставникот Филип Величковски, како и посветеноста на учениците од гудачката секција: Ива, Илина, Љупче, Весна, Татјана, Јулијана, Лара и Кристина.

Публиката имаше можност да ужива и во настапот на Фолклорниот ансамбл „Керамичар“, кој пред меѓународните гости се претстави со кореографијата „Поречки игри“. Настапот беше проследен со силен аплауз и искрено воодушевување, со што уште еднаш беше потврдено богатството на македонската фолклорна традиција.

-Во реализацијата на оваа мобилност вложивме многу труд, енергија и љубов кон уметноста. Горди сме што нашето училиште беше домаќин на завршниот дел од проектот и што успеавме да создадеме простор за заедничка креација, културна размена и нови пријателства. Благодарни сме за поддршката од родителите, локалната заедница, Европска куќа – Велес, Фолклорниот Ансамбл „Керамичар“ и сите што придонесоа оваа мобилност да биде успешно реализирана, изјавија од музичкото училиште „Стефан Гајдов“.
Проектот „Музикодирање“ ја исполни својата мисија – да ги поврзе младите преку уметноста, да поттикне креативност и да создаде одржливи европски партнерства. Велес и училиштето „Стефан Гајдов“ уште еднаш докажаа дека се достојни домаќини на значајни образовно-културни настани.
Стефани Манева


