Народно позориште Ниш вечерва на велешката сцена со претставата „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“
Објавено: 11 април, 2025, во 14:00 часот
На сцената на театарскиот фестивал „5РЕ“, вечерва за прв пат од Ниш присгитнува една од најмоќните и најинтензивни драми „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“.
Театарската претстава којашто ја има поставено Народното позориште во Ниш во 2024 година е во режија на Игор Павловиќ кој ја има изработено и сценографијата. Во неа играат Урош Милојевиќ кој го толкува ликот Ник, Снежана Петровиќ која ја игра Марта, потоа Александар Крстич како Џорџ и Наталија Јовиќ како Хани.
Драматург на претставата е Димитрије Петровиќ додека за музиката е задолжен Никола Драговиќ и за костимите Катарина Павловиќ.
Како што соопштуваат организаторите на фестивалот „5РЕ“, оваа претстава е експлозивна комбинација на длабоки емоции, сурови вистини и брилијантни актерски изведби и претставува вистинско театарско ремек – дело коешто ве вовлекува во лавиринтот на човечките односи и психолошки игри.
Театарската претстава ќе биде одиграна вечерва, со почеток во 20:00 часот на големата сцена на велешкиот театар.
Стефани Манева
