Нова театарска премиера во Кавадарци: „Кротка“ на сцената на Домот на културата

Театарот при Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ подготвува нов театарски настан за љубителите на драмската уметност во Кавадарци. Во понеделник, на 23 јуни и вторник, на 24 јуни, со почеток во 20:00 часот, ќе се одржат премиерните изведби на монодрамата „Кротка“ – најновиот театарски производ на локалниот театар.
Монодрамата е адаптација на истоимената новела од рускиот книжевен великан Фјодор Михајлович Достоевски и претставува длабоко емотивна исповед на маж кој се обидува да ја разбере ненадејната смрт на својата сопруга – млада, тивка и „кротка“ жена. Преку внатрешен монолог, тој се соочува со вина, тага и неизречени прашања, во обид да го реконструира текот на нивниот однос.
Драмската адаптација и режија се дело на Микица Илова, во улогата настапува Сашко Орешков, гласот го позајмува Марија В’чкова, а за техничката реализација за тон и светло се погрижија Пепи Ангелов и тимот на Домот на културата.
Поради специфичната сценска поставеност – изведбата е на сцената, заедно со публиката – влезниците за премиерните изведби нема да бидат достапни во слободна продажба. Максималниот број посетители по претстава е ограничен на 45 и за првата реприза информациите ќе бидат објавени наскоро.
Проектот е реализиран во соработка со Комисијата за еднакви можности при Локалната самоуправа на Кавадарци.
Стефани Манева
