Објавен ПДФ каталогот од проектот „Стрип креатива – стрипот може“

Објавено на 4 ноември, 2025 во 10:10

Со големо задоволство, стрип промотерот од Велес, Томе Трајков, ја најави објавата на ПДФ каталогот кој претставува завршна активност на неговиот индивидуален проект „Стрип креатива – стрипот може“, поддржан од Одделението за креативни индустрии. Проектот има за цел да ја афирмира домашната стрип-култура и да ја истакне улогата на македонските жени автори во неа.

Во рамките на проектот беа објавени три стрипа од македонски жени автори во печатеното издание на весникот „Нова Македонија“, беше реализирано воведно интервју и промоција, а како финален продукт се подготви и објави каталогот.

Каталогот содржи претставување на самиот проект, на неговиот автор и носител, како и на десет избрани стрип автори од Македонија, при што акцентот е ставен токму на женскиот стрип како значаен современ тренд. Покрај тоа, каталогот нуди краток осврт на македонската стрип сцена, вклучувајќи ги хроничарите, издавачите и стрип-манифестациите, како и анализа на можностите што стрипот ги нуди за генерирање на приходи, поткрепена со примери од меѓународната сцена.

Особено внимание е посветено и на потенцијалот за развој на т.н. „стрип туризам“ во Велес, како иновативен концепт што може да придонесе кон културниот и економскиот развој на градот.

Имајќи ја предвид важноста на видливоста и промоцијата на проектот, Трајков истакна дека каталогот ќе биде споделен на повеќе платформи и канали, со цел поширока достапност и поттикнување на интересот за стрип уметноста во Македонија.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.