Осмата книга на велешанката Лили Арсова посветена на зимските радости

Објавено: 25 декември, 2025, во 11:02 часот

Осмата збирка поезија за деца „Снежната убавица“ од авторката Лили Арсова беше промовирана во Градската библиотека „Гоце Делчев“ во Велес. Новата збирка е посвета на зимските радости, празничната светлина и чистата, искрена детска среќа, преточени во стихови што лесно се паметат, а долго се чувствуваат. Книгата носи метафоричен и топол наслов, а токму таква е и нејзината поетска атмосфера.

Промоторката, проф. д-р Елизабета Бандиловска, истакна дека иако зимата најчесто ја поврзуваме со студ и снег, во песните на Арсова „се сеќава нешто што не топли – радост, љубов и светлина“.

Според неа, белината што провејува низ збирката е симбол на чистота, убавина и невиност, особини што природно и припаѓаат на детската душа.

-Песните се наменети за децата, но можат да ги допрат и возрасните, нагласи Бандиловска, додавајќи дека токму во таа двојна читливост лежи нивната вредност.

Авторката Лили Арсова посочи дека збирката е свесно тематски насочена кон зимата и празниците, време кое, според неа, е недоволно застапено во домашната детска поезија. Токму таа празнина била мотив да се создаде книга што ќе ги следи детските возбуди околу снегот, празниците и заедништвото.

Промоцијата доби дополнителна емоција со музичката изведба на песната „Светол ден божиќен“ во интерпретација на младата и талентирана Илина Цветковска, додека стихови од книгата рецитираа Леа Ивановска и Александра Ставреска.

„Снежната убавица“ е издание на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес, а книгата е богато илустрирана со слики во боја од Вера Самарјанин, кои визуелно ја надополнуваат поетската зимска приказна.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.