Пет номинации за велешкиот театар на најпрестижните бугарски театарски награди „АСКЕЕР 2025“

Националната установа Народен театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес постигна извонреден успех на бугарската театарска сцена со пет номинации на годинешното издание на реномираните театарски награди „АСКЕЕР 2025“. Номинациите се однесуваат на копродукцијата „Без крв“, реализирана заедно со Драмскиот театар од Пловдив, која привлече внимание со својата силна режисерска визија и визуелна естетика.

Претставата е номинирана во пет категории: за најдобра претстава, за најдобра режија која ја потпишува Диана Добрева, за најдобра сценографија на Валентин Светозарев, за најдобра костимографија чија авторска работа ја делат Раде Вассилев и Елена Вангеловска, како и за најдобра театарска музика, дело на Сашко Костов од Велес и Јавор Карагитлиев од Пловдив.
Добитниците на наградите ќе бидат објавени на 24 мај, на Денот на бугарската просвета, култура и словенската писменост, на свечена церемонија во театарот „Бугарска армија“ во Софија. Организатор на настанот е фондацијата „Академија Аскер“, која веќе 34 години ги доделува овие значајни признанија. Наградите „АСКЕЕР“ се единствените во Бугарија што се доделуваат по принципот „уметници за уметници“ и претставуваат професионално признание за врвни достигнувања во театарската уметност.
Стефани Манева
