Писателката Родна Јанчева годинешен добитник на Признание за животно дело „Коле Неделковски“
Наградата што традиционално ја доделува Клубот на писатели „Кочо Солев Рацин“, на денот кога се одбележува смртта на македонскиот поет Коле Неделковски годинава ја доби Родна Јанчева. Добитничката на наградата за животно дело „Коле Неделковски“ родена е во Велес и на литературното творештво се посветува по пензионирањето. Јанчева е магистер на социјални науки поточно Специјалист по социјална работа во социјалната заштита. Таа целиот работен век работи во општинскиот Центар за социјални работи Велес и во два мандати беше негова директорка.
Јанчева уште во гимназиските денови е активен член на литературната секција и член на литературниот клуб „Коста Солев Рацин“ во Велес. Досега писателката има објавено пет романи поточно „Детето со променет идентитет, „На брегот на Еуфрат“,„Неспокој“,„Во тишината на немирот“ и „Непребол“. Исто така, добитник е на две награди, сребрена плакета за романот „Неспокој“ на меѓународниот конкурс за издадена книга во 2018 година и за „Во тишината на немирот“ на интернационалната литературна манифестација „Литератопија“.
Убавка Јаневска