Последен повик за пријавување на Меѓународниот стрип конкурс „Велес 2025“

Објавено: 10 јули, 2025, во 10:41 часот

Стрип центарот на Македонија од Велес го објави последниот повик за пријавување на Меѓународниот стрип конкурс „Велес 2025“, кој традиционално се одржува во рамки на Меѓународниот стрип салон. Организаторите ги повикуваат сите заинтересирани автори од земјата и странство, без разлика на пол и возраст, да го испратат својот труд најдоцна до 8 август 2025 година.

Интересот за годинашниот конкурс веќе е на завидно ниво. Според координаторот на Стрип центарот, Томе Трајков, бројот на пријавени досега го достигна ланскиот рекорд.

-Досегашното пријавување веќе го достигна ланскиот рекорд од 351 пријавени стрип автори. Без лажна скромност, тоа доликува на најстарата и најреномирана стрип манифестација во државата. Исто така, тоа е одраз на систематската работа како внатре во Македонија, така и сочуваниот углед и рејтинг на меѓународно ниво, вели Трајков.

Според правилата, стрипот треба да биде долг од 1 до 6 табли, во формат А4 и со резолуција од минимум 300 dpi (за електронско испраќање). Доколку стрипот е само на една страна, мора да содржи најмалку пет сликички. За обоени стрипови, се препорачува испраќање преку пошта или лично доставување. Темата на стрипот е слободна, а секој автор може да учествува со само едно дело. Исклучок е направен за сценаристите, кои може да имаат повеќе сценарија за различни стрипови. Допуштено е на едно дело да работат повеќе автори, со јасно наведен придонес сценарио, молив, туш и слично.

Сите пристигнати дела ќе бидат разгледани од меѓународна жири комисија, а најдобрите ќе бидат изложени на свеченото отворање на 22. Меѓународен стрип салон во Велес. Манифестацијата е финансиски поддржана од Министерството за култура на Македонија и општина Велес.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.