Премиера на „Галеб“ од А.П.Чехов,вечерва, во Театар „Јордан Х. К. Џинот“ во Велес

Премиерата на драмската класика „Галеб“ од Антон Павлович Чехов во режија е на реномираниот македонски режисер Александар Ивановски.
Претставата ќе биде изведена на големата сцена на велешкиот театар, а публиката ќе има можност да ужива во едно современо, сензитивно и длабоко психолошко читање на едно од најзначајните дела на светската драматургија.
„Галеб“ е драма за уметноста, љубовта, амбицијата и трагичната потрага по смислата на животот. Во оваа поставка, Ивановски создава интензивна и визуелно суптилна атмосфера во која актерите со исклучителна посветеност го доловуваат внатрешниот свет на ликовите, нивните немири и копнежи.
Претставата ќе донесе ново театарско доживување на класичниот текст, актуелизирајќи ги темите кои и денес длабоко нè засегаат: несфатената уметност, личниот неуспех, изгубената љубов и вечната борба меѓу генерации и вредности.
Во претставата настапуваат актерите: Славица Манаскова која ја игра улогата на Ирина Николаевна, Филип Христовски како Константин Гаврилович Трепљов, Благојчо Стојанов го толкува ликот на Петар Николаевич Сорин, Сара Танчева како Нина Михајловна Заречнаиља, Кире Ацевски го толкува ликот на Афанасјевич Шамраев, Симона Димковска како Полина Андреевна, Јана Лефкова во улогата на Маша, Исидор Јовановски го толкува ликот на Борис Алексеевич Тригорин, Јордан Витанов како Евгениј Алексеевич Дорн и Фаик Мефаиловски во улога на Семјон Семјонович Медведенко.
Драматург на претставата е Катерина Момева. Асистент на режија е Бојана Василковска додека сценограф е Филип Коруновски и костимограф е Сара Милевска.
Убавка Јаневска
