Претставата „Рацин“ на велешки Театар, вечерва, на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

На големата сцена на Центар за култура „Марко Цепенков“ ќе биде изведена претставата „Рацин“ во режија на Дејан Пројковски, на Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес. Почетокот е во 19:00 часот и претставата е дел од официјалната фестивалска програма.
Публиката на 59-тиот Македонски театарски фестивал во Прилеп ќе има можност да проследи претстава што на сцената го оживува ликот и идејата на Коста Солев Рацин – поет, борец и интелектуалец, чија мисија и денес одекнува со актуелност и човечка длабочина. Под драматуршко водство на Сашо Димоски и со сценската визија на Дејан Пројковски, ова сценско остварување најави силно театарско доживување за публиката во Прилеп.

Во претставата ликот на Рацин го игра актерот Исидор Јовановски, неговата сенка е Васил Зафирчев, Музата на Рацин – Рахилка Раца Фирфова ја игра актерката Талија Настова, а неговата втора љубов Невенка ја игра ,Славица Манаскова. Мајката на Коста Солев Рацин, Марија, ја игра актерката Весна Димитровска. Во улогата на куршумот кој го пронижа смртно Рацин публиката ќе го види актерот Јордан Витанов, во улогата на книга, актерката Кети Борисовска, листот од тутун е актерката Кристина Зафирова, а грнчарското тркало актерот Благојче Стојанов додека во улогите на перо и на мастилница се актерите Илин Јовановски и Кети Борисовска. Во улогата на крв, пак, е Орхидеја Дукова и на Богомилите ќе настапат актерите Илин Јовановски, Бранко Михајловски и Тодор Стојчевски.

Костимите се на Раде Василев и Елена Вангеловска, композитор е Сашко Костов, а изведбата на музика во живо е на Сашко Костов и Орхидеја Дукова додека кореографијата на сценски движења е на Васил Зафирчев.
Убавка Јаневска
