Продуцентот Арсовски селектиран во програмата на SOFA -School of Film Advanced со проектот „ShortFits Film Market“
Продуцентот Александар Арсовски со својот нов проект во развој: „ShortFits Film Market“ избран e за овогодинешното девето издание на европската програма за истакнати филмски работници и културни менаџери SOFA – School of Film Advancement, а воедно е и првиот македонски кандидат кој воопшто до сега бил селектиран во оваа програма.
Програмата SOFA, посветена e на развивање на иновативни проекти кои ќе и помогнат на независната филмска сцена да изгради функционална инфраструктура и да се подобри филмската дејност во земјата каде што делуваат.
„Меѓу проектите кои моментални ги развивам е и проектот „ShortFits Film Market”, станува збор за индустриски настан, копродукциски филмски маркет кој ќе има за цел меѓусебно да ги поврзе продуцентите од југоисточна Европа. Ова ќе биде првиот индустриски настан во југоисточна европа кој ќе биде во целост посветен на краткометражни играни филмови. Со овој проект, сакам да ги потенцирам предизвици со кои се соочуваат продуцентите од регионот и да сосздадам платформа која ќе отвори можност за полесна копродукциска сорабтока меѓу балканските земји, а воедно ќе го отвори прашањето за унапредување на копродукциски можности и воведување на нови неопходни промени во секоја земја, “ рече Арсовски.
Учеството на програмата joinsofa.org представува одлична можност за развивање на меѓународни проекти кои може да ја претстават домашната кинематографија на регионалните и интернационалните филмски маркети, продуценти и дистрибутери, но исто така претставува и одлична можност за личен развој во делот на продукција и организација на мултимедиски проекти.
Во склоп на деветото издание на СОФА Академијата, над 15 различни ментори ќе ги советуваат кандидатите за сите достапни можности на финансирање и како подобро да ги реализираат своите проекти. Дел од менторите се: Мира Сталева, продуцентка и директорка на Софиа Филм Фестивал и Sofia Meetings, Јан Нашевски, New Europe Film Sales; Мирослав Мигоровиќ, продуцент и директор на „ART & POPCORN Motion Picture Company“, Катрин Шори, извршен директор на Израелскиот Филмски Центар; Тина Клинт, Level K – Sales Agent, и многу други.
СОФА е проект развиен од страна на Filmplus (Берлин) и Институтот за демократски промени од Тбилиси, Грузија. Финансиски поддржан е од германската Федерална канцеларија за надворешна соработка и Креативна Европа – МЕДИА.
Покрај проектот на Алексадндар Арсовски, за деветтото издание на SOFA избрани се автори и тимови како и нивните проекти во развој од Германија,Украина, Полска, Чешка, Бугарија, Белорусија, Украина,Унгарија,Грузија и Бангладеш.
Александар Арсовски, роден во Чашка, е филмски режисер и продуцент. Додипломските студии по „Филмска и ТВ режија“ заврши на Филмската академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, додека магистратура на Академијата за драмски уметности во Загреб во отсекот „Продуцкција на Аудиовизуелни и мултимедијални проекти“ под менторство на продуцентката Анкица Јуриќ Тилиќ.
Арсовски работи како координатор за онлајн дистрибуција на европски филмови преку VOD платформата www.cinesquare.net и како координатор на неколку филмски фестивали одржани онлајн поради пандемијата на коронавирус.
Досега Александар Арсовски ги продуцираше проектите „Сама“ на Борна Зидариќ, „Трафика“на Дора Слакопер, „Женска раѓа“ од Љубица Котромановиќ, „Мајка“ од Ѓорѓи Лазов и други и во моментов соработува со продуцентската куќа Wolfgang & Dolly од Загреб, каде што развива свои телевизиски и неколку копродукциски проекти.
Убавка Јаневска