Промоција на книгата „Мементо Мори“ на Анде Јанков, вечерва, во велешки Театар
Објавено: 19 март, 2026, во 10:25 часот
Велешанецот Анде Јанков, роднокраен писател, вечерва, ќе го промовира своето најново дело „Мементо Мори“ на малата сцена на велешки Театар. Книгата ќе ја промовира Софија Стојков додека извадоци ќе чита професорката и писателка Соња Карбева.
Во „Мементо Мори“ авторот раскажува приказна посветена на животот на полицискиот инспектор Виктор Николов којшто, година по трагичните настани од „Тера“, ги брои неговите најлоши денови. Повторно е исфрлен од заедничкиот дом со Сандра, целосно оддалечен од секојдневјето на неговата ќерка.
При крајот на пролетта, на незгодите од приватниот живот им се придружуваат и турбуленциите на работното место при Одделот за крвни и сексуални деликти, на којшто тој е сè помалку популарен. Гледајќи шанса да побегне подалеку и од едното и од другото, во придружба на неговиот добар пријател, психологот Благој, Виктор заминува во посета на брат му Даниел, кој е на средината од својот престој на книжевна резиденција во Загреб.
Даниел е автор на драмскиот текст на претстава базирана на „Хамлет“, во изведба на Народниот театар од Битола, чија премиера во Загреб е закажана додека тој престојува во хрватската престолнина. Наскоро доаѓа до свирепо убиство во хотелот во којшто сите тие се сместени. Дел од членовите на претставата немаат цврсто алиби за времето на убиството. Уште полошо, тоа важи и за најблиските луѓе на авторот на текстот…
Почетокот на промоцијата на „Мементо мори“ е закажан за 19:00 часот. Јанков досега е автор на романите: „Едно лето на Крит“ (2016), „Виенски гамбит“ (2020), „Сигурен ризик“ (2021), „Само Бог простува“ (2022) и „Кобајаши Мару“ (2024) во издание на Издавачка куќа „Антолог“.

