Промоција, вечерва, на романот на 2023 година „Единствен матичен број“ на авторката Лидија Димковска
Во Дом на култура „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци, вечерва, ќе биде промовиран романот на 2023 година „Единствен матичен број“ на авторката Лидија Димковска во издание на „ТРИ“.
Пред кавадарчани романот ќе го промовира Виолета Танчева-Златева. На промоцијата ќе присуствуваат и претставници на Фондацијата „Славко Јаневски“ којашто е организатор на доделувањето на една од најпрестижните награди за проза во државата каква што е „Роман на годината.“
„Критиката веќе се огласи за многузначноста на ова прозно остварување на Димковска. Читателите исто така ја препознаа неговата вредност, а во меѓувреме сите го очекуваме третото издание на романот, нецела година од неговото прво објавување. Наградата беше соопштена на 15 март годинава, а во мај ѝ беше свечено врачена на авторката Лидија Димковска, на пригоден настан во Драмскиот театар во Скопје,“ соопшти издавачката куќа „ТРИ“.
Во поканата за љубителите на пишаниот, прозен збор, издавачот додаде дека традиционално, по петти пат, на Кавадарци му се случува значаен културен настан со претставување на актуелниот роман на годината.
„Ве покануваме на несекојдневна промоција на романот што сосема заслужено ги доби сите пофалби во изминатиот период,“ пишува во соопштението за јавност.
„Ако нашето постоење во светот сè повеќе зависи од нашиот единствен матичен број, во нашиот свет на квалитетна книжевност, постоиш ако читаш“, велат од ТРИ во поканата за овој настан.
Почетокот на вечерашната промоција е во 20:00 часот.
Убавка Јаневска