Промовиран документарниот филм „Кон минатото и сегашноста: 80 години слободен Велес – Титов Велес – Велес“ (фото и видео)
Сочуваните и обработени архивски материјали како што се фотографии, значајни и помалку значајни документи од локалниот живот, од институциите, како и белешки од страна на Одделението во Велес на Архив на Македонија заедно со архивата од примероци на поранешниот локален весник „Вардарски глас“ во Градска библиотека „Гоце Делчев“ овозможија на 80 роденден, Велес, да го добие првиот јубилеен документарен филм. Во него е прикажан животниот пат на градот, неговите раст и развој, со сите успони и падови.
На промоцијата на документарниот филм раководителката на Одделението во Велес на Архив на Македонија, Јасминка Дамјановска го потенцираше значењето на оваа институција како и посветеноста на вработените кои ги собраа, обработија и сочуваа материјалите кои се прикажани во филмот. Дамјановска упати благодарност и кон бројни поединци и институции кои придонесоа овој филм Велес да го добие на својот 80 роденден.
Според директорката на Градска библиотека „Гоце Делчев“ тоа што Титов Велес и потоа во кус период од преименувањето на градот во Велес го имаше локалното гласило, весникот „Вардарски глас“ , исто така овозможи голем дел од сочуваните примероци во оваа локална институција да бидат искористени во подготовката на документарниот јубилеен филм. Библиотеката од минатата година започна да ги дигитализира сите броеви на „Вардарски глас“.
Промоцијата на документарниот филм „Кон минатото и сегашноста: 80 години слободен Велес – Титов Велес – Велес“ се одржа вчера вечер, во Јуроп Хаус Велес.
Убавка Јаневска