Промовиран првиот роман „Во сенката на шинелот“ на проф. Татјана Трчкова (фото и видео)
Со провокативен наслов „Во сенката на шинелот“ романот на повеќекреативната креативка, поетеса, кантавторка, етно-музичарка и пензионирана професорка по филозофија Татјана Трчкова всушност е навестување на идеолошка тема која се развива преку семејна драма, доловена преку настани, дијалози, сеќавања, размислувања и полемики. Романот е интересно дело кое отвора и покренува многу прашања, рече рецензентката проф. д-р Кристина Николовска.
Авторката на промоцијата што вчера вечер се случи во Ликовен салон во Велес рече дека романот е посветен на нејзиниот татко, на „стар волк“, борец и комунист, кој е разочаран од идејата за време на комунизмот и истовремено уште повеќе разочаран од падот на социјализмот.
Пред поголем број на сограѓани како и на претседателот на Сојузот на борци од НОВ, д-р Никола Стојановски, промоцијата се одржа вчера вечер во Ликовен салон во Велес. Романот „Во сенката на шинелот“ на Татјана Трчкова во 100 примероци го издаде Клуб на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес.
Убавка Јаневска