Промовирана дебитантската стихозбирка „Прости песни“ на поетесата Александра Спасеска
На интимната промоција, велешката читателска публика, имаше можност да се запознае со поезијата на Спасеска, како и со нејзиниот креативен процес на пишување. Во разговор со поетесата Марија Грубор, авторката Спасеска сподели дека пишува „мигновно и спонтано“, речиси без интервенции и уредување потоа, сметајќи ги песните за „зрели и спремни“ кога се преточуваат низ неа.
„Со особена радост денеска сум тука, во градот на Коста Солев Рацин, да ја споделам поезијата од мојата дебитантска книга. Следејќи го примерот на Рацин да пишувам за она што го знам, за секојдневието на животот и универзалното страдање, пишувам гледајќи го човечкиот субјект повеќедимензионално, а тоа значи и вклучување на социјалниот елемент, дури и кога се пее за љубовта и загубата“, рече Спасеска.
Низ плодната дискусија во која спонтано се вклучи и публиката, на промоцијата се зборуваше и за (не)подготвеноста да се објавува напишаното, имајќи предвид дека ова е прва објавена стихозбирка на Спасеска, која пишува веќе 30 години.
„Песните во оваа книга се пишувани во период од десетина години, а нивното ставање во еден контекст, под еден покрив на книгата што ќе биде нивен дом, беше процес низ кој поминав прво интимно, соочувајќи се со нивната сировост и соголување, а потоа и како автор со внимателното насочување на мојата уредничка Јулијана Величковска од ПНВ Публикации. Една работа е да се пишува, од тоа нема бегање кога песната сака да биде напишана, а сосема друга е да се објавува напишаното и да се сподели со светот“, додаде Спасеска.
Дебитантската стихозбирка на Спасеска содржи шеесетина песни поделени во три циклуса: „Писма до неа“, „Песни за неговата песна“ и „Земање збогум“, како и поговор од Снежана Стојчевска која ќе истакне: „Со оваа книга Спасеска го продолжува везот на проста и строга македонска песна, ткаена од копнеж и болка и успева да изгради музеј на болката“.
На промоцијата стихови читаа Марио Де Роза и Фаик Мефаилоски. Стихозбирката Прости песни (на кого помислуваш кога смртта мисли на тебе) е во издание на ПНВПубликации. Дизајн на корицата на книгата е на Марија Конеска, дизајн на постерот Борјан Исајловски а фотографиите на Ерина Богоева.
Промоцијата се одржа во Europe House Veles.
Александра Спасеска е родена на 23 јули, 1984 година во Кавадарци. Основно и средно образование завршува во Прилеп, а од запишувањето на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на Катедрата за англиски јазик и книжевност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје во 2003 година, живее и работи во Скопје.
Автор на фотографиите од промоцијата е Доминика Ацева.
Убавка Јаневска