Промовирана детската сликовница „Тркалаланица“ во велешката градска библиотека

Објавено на 12 декември, 2022 во 11:06
Фото: Преземена од Локална библиотека „Гоце Делчев“ Велес

Првата сликовница „Тркалаланица“ од едицијата „Светулка 2“ од авторката Марта Чупевска и илустраторката Тамара Забазноска, беше промовирана, во саботата, во медијатеката на  велешката градска библиотека. Инспирација на авторката за оваа детска сликовница биле животните од Зоолошка градина Скопје во чија близина живее таа. Промоторот на сликовницата Емилија Златкова Анастасова рече дека „Тркалаланица“ е весела песничка и бројаница наменета за деца од предучилишна возраст.

Фото: Преземена од Локална библиотека „Гоце Делчев“ Велес

-Преку оваа сликовница децата низ песна може да се запознаат со бројките, да се потсетат на животните и да поднаучат уште некој нов збор во рима. Песничката е разиграна, одбројувањето од десет наназад помага да се вежба памтењето и концентрацијата кај најмалите, додаде Златкова Анастасова.

Фото: Преземена од Локална библиотека „Гоце Делчев“ Велес

Илустраторката на сликовницата посочи дека цртежот го гледа како одраз на фантастичните светови кои ги носат луѓето во себе. Исто така, ги мотивираше присутните дечиња да цртаат постојано и да ги искажуваат своите мисли преку илустрација.

Фото: Преземена од Локална библиотека „Гоце Делчев“ Велес

Директорката на локалната библиотека „Гоце Делчев“, Снежана Бошевска рече дека библиотеката како институција е секогаш отворена за соработка со сите кои придонесуват за развој на творештвото воопшто, особено за поттикнување на љубов кон читањето.

Фото: Преземена од Локална библиотека „Гоце Делчев“ Велес

За време на промоцијата се одржа и работилница на тема „Новогодишна џунгла“ на којашто присуствуваа околу 15 дечиња кои цртаа животни со новогодишен мотив.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.