Промовирана книгата „Приказна за две деца“од Наташа Брезовска – Богоевска (фото)
„Како да се гради живот и соживот со лицата со попречености ако не со создавање на услови за рамноправност со сите останати граѓани,“ потенцираше пред присутните гости на промоцијата на книгата „Приказни за две деца“ претседателката на Здружение на целебрална парализа и други попречености Далиборка Златева. Таа додаде дека во промоцијата на ваквите вредности токму може да помогне книгата која треба да биде прочитана од страна на младите во Велес.
„Секогаш луѓето се поубави во пар, во двојка, во друштво.Прекрасното дело на авторот Наташа Брезовска Богоевска, веднаш ќе ве однесе во друг свет, кој некој од вас можеби го немате доживеано но сметам дека голем дел индирекно го имате доживеано. Секој треба да ја прочита оваа книга, треба да ги почуствува приказните на двете деца, и не се само две деца. Читајќи ги приказните за Биле и за Генче, кои што лично ги познавам, па се до Сузе и Миа, ме стопли нивниот оптимизам, храброст, упорност и емпатија. Приказните за личностите со попреченост и ретки болести, нивните сестри, браќа, другари, семејства, се пример колку треба да се практикува инклузивниот пристап во нашата заедница“, рече пред присутните промотороката Ефтимија Карбева Лукарова.
„Идејата за ваква книга се роди уште во времето кога бев наставник и кога во мојата училница влезе ученичка со даунов синдром. Време кога инклузијата во образование беше во зародиш, а ние наставниците и учениците не бевме доволно подготвени. Па следуваше време на истражување, учење. Јас ја имав таа среќа, моите ученици да бидат прекрасни соработници, па заедно се пронајдовме. Тогаш решив дека нешто треба да се направи, па така следуваа расказите еден по еден. Токму и таа е целта на книгата, двете деца да се разберат, да се пронајдат. Дел од расказите се имагинација, еден дел се инспирирани од вистински настани, а еден дел се вистински настани“ рече авторката Наташа Брезовска – Богоевска.
Настанот го водеше Лука Панов, извадоци од книгата читаа Стефани Стојчева, Марија Бошевска и Стефанија Јакимовска, додека во музичкиот дел настапи триото Богоевски со изведба на виолини.
Промоцијата на книгата се одржа во Медијатека на ЛБ„Гоце Делчев“ додека издавачи се авторката Наташа Брезовска – Богоевска и Здружение на целебрална парализа и други попречености од Велес.
Убавка Јаневска