Промовирана стихозбирката „Развојни вредности“ од Божидар Јовиќ (фото)
Единаесетата книга по ред на велешанецот Божидар Јовиќ насловена „Развојни вредности“ денеска, пред многубројна публика, беше промовирана во Медијатеката на велешката библиотека. Во секој поетски наслов, авторот на стихозбирката, ја поттикнува идејата за индивидуално препознавање на развојните потенцијали за организирање и унапредување на развојни можности кај секоја личност и одговорноста на претпоставените во сите други организациски установи.
Рецезентот Лила Арсова, рече дека збирката ќе ни помогне да ги сфатиме функционалните појмови за организациска поставеност на себеси кон другите.
-Всушност поетскиот напев се потпира на мултикултурните вештини кои се вредносни знаења, значења и одговорности на човекот со другите луѓе за одговорно, ефективно и благовремено постигнување на сите организациски постигања и настапувањата во системот за раководење со установите и фирмите. Во стихозбирката „карактерот“ и „достоинството“ имаат длабоко истакнување на вистината, мотивите, искуството и гордоста за развивање на секоја личност, додаде Арсова.
Јовиќ со насмевка им се заблагодари на сите за присуството и рече дека на првата страна е ставен „Преродбеникот“ затоа што тој ја продолжи линијата на кирилметодиевската мисла на својот македонски народ, со своја структура на градење на македонскиот јазик и култура.
-Дојдов до едно сознание за карактерот, за коренски вредности на зборовите коишто останаа синтагматска цилина во морфолошката структура, за односот на индивидуата кон себеси. Не случајно книгата се вика „Развојни вредности“ тие што ние ги подржуваме, развиваме и пренесуваме кон генерациите. Оваа стихозбирка е целина која од нас отвора нов хоризонст во препознавање на синтагмантската целина, додаде Јовиќ.
За време на промоцијата, повеќе наслови од стихозбирката беа прочитани од страна на ученици од средните училишта. Истовремено, настанот беше збогатен и со неколку музички точки од учениците од музичкото училиште „Стефан Гајдов“ од Велес.
Стефани Манева