Промовирани две книги на велешкиот сатиричар и афористичар Димитар И. Вилазорски

Објавено на 10 мај, 2022 во 15:14
Фото: Димитар И. Вилазорски

„Сизифе смени го врвот“ и „Доаѓа зима“ се двете книги на велешанецот  Димитар Илиев Вилазорски коишто,  денеска,  беа промовирани пред велешката публика во просториите на Ликовен Салон. Двете книги се со различна содржина. „Сизифе смени го врвот“ е книга полна со афоризми, додека, „Доаѓа зима“ е сатирична проза.  За време на промоцијата, рецензентот на книгата „Сизифе смени го врвот’, писател, афористичар и културен работник Љупчо Силјановски, рече дека Велес од секогаш располагал со многу актери, поети и писатели но во сферата на афоризмот можат да се избројат на прстите од едната рака.

Фото: Промоција на книгите „Сизифе смени го врвот“ и „Доаѓа зима“

-Од моите собременици, најмногу знам за двајца и тоа Живко Павлов, познат помеѓу велешани како „Џипот“ и денешниот книгољубец Димитар Илиев Вилазорски. Ако прашувате зошто му е она Вилазорски после Илиев, претпоставувам дека му служи не само да се сокрие зад Илиевци пред светот, туку и да знае каде да се врати во Вила Зора или Велес, после настапите ширум светот. Во оваа книга, се обединија размислите на врвни афористичари на земјите од некогашната СФРЈ и секој од нив на свој начин да проговори за упорноста во одбрана на вистината за трудот на човекот и болестите на општеството. Исто така, претставува ретка  можност авторите да направат паралела меѓу она што било одмазда на боговите кон Сизиф кралот којшто на своите поданици им ги оддавал тајните на боговите а тие го казниле да го тркала до врвот тешкиот камен. Велешанчето, сатиричен гемиџија, му кладе фитил во мозокот на Сизифа и побара од него крупно да го смени врвот а не да го мери каменот, што му е виновен каменот, секоја инерција ги враќа нештата назад, Сизифе смени го врвот, додаде Силјановски.  

Фото: публика

За сатиричната проза „Доаѓа зима“ напишани се две рецензии од страна на црногорскиот писател Бојан Рајевич и од српката писателка проф. Мирјана Ѓако. Тие беа прочитани од велешкиот актер Жарко Спасовски. Исто така, беше прочитан дел од книгата од страна на актерот Јордан Витанов.

Фото: Читање рецензија, актер Жарко Спасовски
Фото: читање дел од книгата „Доаѓа зима“, актер Јордан Витанов

Двете книги се издадени од страна на издавачката куќа Меѓународен центар за славјанска просвета, при Меѓународен Славјански универзитет „Г. Р. Державин“ Свети Николе. Писателот Вилазорски се надева дека соработката со оваа издавачка куќа ќе продолжи и во иднина бидејќи има уште 10 книги коишто го чекаат својот ред да бидат објавени.

Фото: двете книги

-Се надевам дека во идните години, секоја година, ќе објавувам по неколку книги во оваа издавачка куќа, додаде Вилазорски.

Фото: читање афоризми – Димитар И. Вилазорски и Атанас Крлевски

На самиот крај од промоцијата, Вилазорски го покани својот колега, велешанецот, афористичар Атанас Крлевски, заедно да прочитаат дел од многуте афоризми коишто ги имаат напишано на тема „брак“.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.