„Сенки под знамето“ – прва книга со сатирични епиграми на Вилазорски

Објавено на 2 јули, 2025 во 10:34

Од печат излезе најновата, 11-та по ред книга на познатиот велешки и македонски сатиричар Димитар И. Вилазорски, со наслов „Сенки под знамето“. Ова е прва книга на авторот составена исклучиво од сатирични епиграми, вкупно околу 270, напишани во изминатите три години.

Над 200 од нив веќе беа објавени во триесет и пет броја на списанието за хумор и сатира „Балканиум“, издание на Славјанскиот универзитет и неговиот Институт за култура и уметност. Вилазорски е редовно застапен во ова афирмирано списание со свои афоризми и епиграми.

Иако некои од текстовите се напишани пред неколку години, авторот вели дека остануваат мошне актуелни и денес – токму тоа, според него, ја покажува силата на сатирата која често знае да биде повистинита и од реалноста.

– Епиграмите се кратки лирски форми со хумористична или сатирична содржина. Над 90% од моите се сатирични. Некои од нив и по неколку години звучат како напишани денес – вели Вилазорски.

Во предговорот на книгата, рецензентот Љупчо Силјановски истакнува дека песната на Вилазорски, без разлика дали е составена од два или четири стиха, носи длабок набој на иронија, сарказам, но и суптилен хумор и ведрина.

– Неговите епиграми се како поука – поттик што треба да се направи за да се истераат „сенките што сноват под нашето знаме“. Со силна сатира, тој ги разобличува грдите страни на стварноста и одговорно го насочува вниманието кон оние што добиле доверба од народот, но заборавиле дека таа не значи моќ, туку обврска – објаснува Силјановски.

Вилазорски посочува дека во Македонија има многу малку автори што се посветени на епиграмата како форма, а тој планира активно да продолжи во овој правец. Во моментов работи на нова книга со епиграми посветена на семејството, а во план му е и издавање на книга со епиграми за деца.

Промоцијата на „Сенки под знамето“ се очекува да се одржи во рамките на програмата на претстојното Велешко културно лето 2025.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.