Стрипот ги обединува уметниците од регионот: Македонија дел од фестивалот во Косово

Објавено: 26 септември, 2025, во 13:48 часот

Македонскиот стрип и оваа година доби своја видлива промоција надвор од границите на државата, овојпат во соседно Косово. На покана на Здружението на карикатуристи „ХИТХИ“ од Урошевац, Феризај, а врз основа на повеќегодишната соработка, македонскиот стрип промотер Томе Трајков и младата авторка Ангела Петрушевска беа дел од 11. издание на Меѓународниот фестивал на карикатура во овој град.

Иако фестивалот е фокусиран на карикатурата како уметничка форма, организаторите секоја година отвораат простор и за стрипот, препознавајќи ја неговата важност и културна вредност. Ова е трет пат како Трајков учествува на фестивалот, и како што вели, и покрај разликите меѓу двете форми на изразување, домаќините несебично даваат поддршка за афирмација на „деветтата уметност“ – стрипот.

-Заедно со  несебичната асистенција од страна на Ангела Петрушевска од Скопје, на 23 септември одржавме неколкучасовна стрип работилница за млади таленти од овој град. Тие покажаа голем интерес и талент којшто треба да се развива и натаму, изјави Трајков.

Истата вечер, во свечена атмосфера, беше отворен и фестивалот на карикатура. Главната награда му беше доделена на италијанскиот уметник Агим Сулај, а емоции кај присутните разбуди говорот на Влора Горанци, која ја врачи наградата „Луљета Кујтими Горанци – слободен уметнички дух“ во чест на нејзината почината мајка. Ова признание ѝ припадна на уметничката од Полска, Изабела Ковалска.

Меѓу наградените беа и хрватскиот уметник Дамир Новак, како и Валтер Тоскано од Италија, што дополнително го потврдува интернационалниот карактер и реномето на овој фестивал.

Активностите продолжуваат до 26 септември, а македонското учество уште еднаш потврди дека стрипот кај нас живее и се развива, благодарение на ангажманот на поединци и млади уметници кои активно го претставуваат на регионалната сцена.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.