Театарската претстава „Фамилијата Адамс“ гостува на велешкиот фестивал „5РЕ“

Театарската претстава „Фамилијата Адамс“ во режија и адаптација на Теа Беговска, оваа сабота, со почеток во 20:00 часот ќе гостува на театарскиот фестивал на комедија „5РЕ“ во Велес. Во претставата на драмски театар Скопје како главни улоги настапуваат Предраг Павловски како Гомез Адамс, Трајанка Илиева Вељиќ како Мортиша Адамс, Нина Елзесер како Венздеј Адамс, Сашо Тасевски како Фестер Адамс, Томислав Давидовски како Пагзли Адамс, Гордана Ендровска како Бабата, Марјан Наумов како Лукас, Емилија Мицевска како Деби, Златко Митрески и Маја Вељковиќ Пановска во улогите на родителите на Лукас.
Во претставата како духови се појавуваат Јована Миладинова, Ема Лазарова, Луна Миќевиќ
Стефан Арсиќ, Кристијан Петковски, Енис Билаловиќ, Анастасија Митровска и Мартин Мазнев.
Сценографијата е изработена од Никола Пијанманов, додека костимите се дело на Ратка Џамбазовска Коцев и Раде Василев. Музиката ја компонираше Енес Беговски, а кореографијата ја потпишува Бојан Лазаров. За пиротехничките ефекти е задолжен Методија Најдоски.
Претставата вклучува употреба на пиротехнички средства и нагласени звучни ефекти, за што продукцијата упатува предупредување до публиката.
Инаку, на фестивалот „5ре“ денеска, со почеток во 18:00 часот ќе биде одиграна претставата вантурите на „Капетанот Џон Пиплофокс“ во режија на Горан Илиќ.
Следниот ден, на 11 април, гостува Народно Позориште Ниш со една од најмоќните и најинтензивни драми на сите времиња – „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“.
Инаку, од велешкиот театар напоменуваат дека билетарата работи од 10 до 14 часот и од 18 до 20 часот, секој работен ден. Исто така, објаснуваат дека едно лице, максимум може да купи четири карти за една претстава. Нема резервации, секој еден поединец може да купи карти на билетара.
Стефани Манева
