Трајков: „Стрипот ќе живее, бидејќи сè повеќе има млади стрип-цртачи“
Објавено: 27 август, 2026, во 07:30 часот
Жива е стрип-културата во Македонија, иако стрип-списанијата ретко се печатат, вели Ване Трајков, кој 23 години успешно менаџира со Стрип центарот на Македонија и исто толку време го организира Меѓународниот стрип-салон. Тоа е единствена манифестација од овој вид на уметност во Македонија.
На конкурсот „Златен стрип“ годинава пристигнаа 497 трудови од автори од триесетина земји. Трајков е сигурен дека стрипот ќе живее, бидејќи сè повеќе има млади стрип-цртачи.

-За овие 23 години, колку што работиме, во Македонија да направиме добра средина, посебно за младите автори да ги истакнуваат своите стрипови, креации, фантазии а ние со својата издавачка дејност успеваме со 40 изданија на единственото списание за стрип да им ги објавуваме нивните стрипови и со тоа да им дадеме поттик дека некој ќе ги види стриповите и можеби ќе им понуди соработка, додаде Трајков.

Во Велес се одржа 23 Меѓународен стрип салон „ ВЕЛЕС 2026“ и традиционалната Стрип колонија, организирани од Стрип-центарот на Македонија (СЦМ-Велес) на кој беа доделени годинешните награди на најдобрите автори.

Главните награди „Златен стрип“ ги добија – прва награда: „Вечно“ – Марко Стојановиќ (сценарио, Србија), Милорад Вицановиќ Маза (цртеж, БиХ) и Аљоша Томиќ (колор, БиХ), втора награда – „Зимата на Арапахосите“ – Кристијан Секулиќ (Нови Сад, Србија) и трета награда – „Љубовта е тешка работа“ – Дуда Вукојев (сценарио, Србија) и Драган Павасовиќ (цртеж, Хрватска).

Беа доделени и Специјални награди за најдобро сценарио – „Светот ни припаѓа на сите нам“ на Хулја Колук (Турција), за најдобар цртеж – „Мечтаење“ на Александар Танчовски (Скопје, Македонија), за најдобар уметнички израз – „На граница“ на Марко Стојановиќ (сценарио) и Марко Николиќ (цртеж), Србија, за најдобар дебитантски стрип – „Ѕвездена мисија“ на Христина Крстиновска (Ресен, Македонија) и за најдобар ментор на Шенер Далиповски (Ресен, Македонија). Специјална награда за експериментален израз – „Песок во грло“ и припадна на Филипа Сара Попова, Ана Кнежевиќ и Марко Трпески (Скопје, Македонија).
Убавка Јаневска



