Утре вечер концерт на детскиот хор „Св. Кирил и Методиј“ во Ликовен салон

Објавено на 8 октомври, 2025 во 11:24

Љубителите на хорската музика ќе имаат можност да уживаат во топлината и свежината на детскиот глас на годишниот концерт на хорот „Св. Кирил и Методиј“ од Велес, кој ќе се одржи утре вечер, со почеток во 19 часот, во Ликовен салон.

Концертот, симболично насловен „Децата низ боите на музиката“, ја слави детската креативност и љубовта кон музиката како универзален јазик што ги поврзува генерациите. Под водство на диригентката Веселинка Маџарова, која посветено работи со хорот составен главно од ученици од ОУ „Васил Главинов“, публиката ќе има можност да чуе богата и внимателно подготвена програма.

На репертоарот се наоѓаат композиции од истакнати македонски и странски автори како Тодор Скаловски, Драган Шуплевски, Запро Запров, Стојан Стојков, како и Пјотр Јанзек, Хугс и Хатефилд, со што концертот добива меѓународен карактер и разновидност.

-Ни претставува особена чест да Ве поканиме на нашиот годишен концерт „Децата низ боите на музиката“. Бидејќи музиката може да изрази толку многу од нашите чувства и има толку моќен ефект врз нашите срца, умови и тела, треба длабоко да го цениме овој „совршен дар“ од Бога.“, изјави Маџарова.

Настанот е отворен за јавноста и е прекрасна можност за сите љубители на хорската уметност да го поддржат трудот и талентот на младите музичари од Велес.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.