Утревечер, 103-та изведба на „Синиот портокал“ во велешкиот театар
Објавено: 17 септември, 2025, во 11:30 часот
Претставата „Синиот портокал“, едно од најзначајните и најизведувани дела на Театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ – Велес, ќе биде прикажана по 103-ти пат на малата сцена на театарот. Психолошкиот трилер, под режисура на Дејан Пројковски, и овојпат ќе донесе интензивна сценска атмосфера и провокативни теми за психичкото здравје, етиката и општествените предрасуди.
-Во оваа изведба, улогата на Доктор Роберт, која длабоко и посветено ја носеше прерано починатиот актер Самоил Стојановски, ја презема Благојчо Стојанов, соопштија од театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
Промената доаѓа како симболичен чин на продолжување на неговото актерско наследство и како израз на почит кон неговиот придонес за велешкиот театар.
Покрај Стојанов, на сцената ќе настапат и актерите Фаик Мефаилоски и Жарко Спасовски, чии изведби се веќе проверен дел од силата на оваа претстава.
Изведбата ќе се одржи во среда, на 18 септември, со почеток во 20:00 часот, на малата сцена на Театар „Џинот“. Публиката е добредојдена да ја сподели оваа значајна театарска вечер, во чест на уметноста, сеќавањето и континуитетот.
Во наредниот период, на велешката сцена ќе бидат изведени и следните претстави, на 20 септември, во сабота претставата „Госпоѓа министерка“, потоа на 23 септември „Вечера за глупаци“ и на 29 септември „Татко“.
Велешкиот театар продолжува со богата програма која го слави актерството, сценската уметност и публиката.
Стефани Манева
