Велешани одржаа прв Меѓународен Фестивал на сатирата „Џинот“, наместо во два во само еден ден
Фестивалот покажа голема заинтересираност за овој вид на уметнички израз, како во државата така и надвор од неа, додека искуството на организаторите поточно на иницијаторот Атанас Крлевски, сатиричар, на Клуб на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес кој е организатор со поддршка на Локална библиотека „Гоце Делчев“, дека потребно е манифестацијата да прерасне во традиционална и повеќе дневна. Годинава одржувањето на дводневниот фестивал дополнително го усложни прогласениот ден на жалост од страна на Општина Велес поради трагичниот биланс на загинати сограѓани во тешката сообраќајна несреќа на автопатот Скопје – Велес, пред Катлановски тунел. Тоа беше причина наместо во два сепак фестивалот да се одржи во еден ден.
Според фестивалската програма, сепак организаторите се обидоа и одржаа најголем дел од предвидените содржини. Но, не успеаа да ги реализираат сите. Тие, заедно со голем број на учесници од Балканот кои беа учесници на првата културната манифестација, положија цвеќе на вечното почивалиште, во велешката црква „Свети Спас“ за потоа во Спомен куќата на Јордан Хаџи Константинов – Џинот, да го отворат првиот Меѓународен фестивал на сатира „Џинот“ во Велес.
Фестивалот беше отворен со песна на велешката поетеса Павлина Климкар Меанџиева посветена на Џинот.
Потоа проф. д-р. Васил Тоциновски зборуваше за живот и дело на македонскиот просветител и зачетник на просветителството во Македонија, по што се одржа Промоција на книгата „Групен афористички портрет“ од група автори од Балканот. Книгата ја промовираше сатиричарот Ристо Филчевски. На промоцијата настапија со свои музички точки учениците од нижото музичко училиште „ Стефан Гајдов“, под менторство на проф. Трајче Малинов.
Вечерта, во четвртокот, на 17 октомври, во Локана библиотека „Гоце Делчев“ се одржаа два настани. На првиот беше промовирана книгата афоризми „404 секојдневизми“ на авторите Атанас Крлевски, Елеонора Николовска, Марјан Анѓеловски и Марија Ранѓеловиќ која што е афористичарка од Србија. Промоторката на книгата Проф. д-р Елизабета Бандиловска рече дека „404 секојдневизми“ е збирка на афоризми која успева да ја долови суштината на животот преку длабоко осмислените афоризми.
Наредниот ден беа доделени наградите од Конкурсот за афоризми на тема „Живот“. На малата свеченост претседателот на жири комисијата, Атанас Крлевски, истакна дека на распишаниот Конкурс пристигнале над стотина сетови од по десет афоризми од кои седумдесетина влегоа во конкуренција. Од нив првата награда ја доби Славица Урумова – Марковска, втората награда ја доби Абдурахман Халиловиќ Ахил од Риека , Хрватска, додека третата награда ја доби Нада Караџиќ од Белград, Србија. Наградата за најдобар афоризам му припадна на Јане Атанасов од Кочани, додека Специјалната награда за етно афоризам ја доби Костадинка Витанова од Струмица.
Фестивалот, поради збиеноста на настаните во еден ден, не успеа да реализира гостување на сатиричарите во средните училишта и Средношколски дом за ученици „Лазар Лазаревски“ со што останаа непрочитани дел од предвидените афоризми, епиграми, сатирични текстови и други сатирични форми.
Во своите обраќања на затварањето на Фестивалот иницијаторот Атанас Крлевски, претседателката на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ Лили Арсова и директорката на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ Снежана Бошевска истакнаа дека овој Фестивал ќе премине во традиционален.
Одржувањето на Меѓународниот Фестивал на сатирата „Џинот“ финансиски го поддржа Општина Велес.
Убавка Јаневска