Велешанката Даница И. Лепојевиќ ја промовираше својата трета стихозбирка „Дождови во мај-сублимирани емоции со две лажички мед“

Објавено на 13 декември, 2023 во 13:30

Велешанката Даница И. Лепојевиќ вчеравечер ја промовираше својата трета стихозбирка  „Дождови во мај-сублимирани емоции со две лажички мед“ во издание на „Полица“ пред нејзините сограѓани. Дело преку кое писателката ги поканува читателите директно и длабоко да нурнат во нејзиниот интимен дом, нудејќи ги сите медиуми за негово искусување, зборот и чувството, цртежот и звукот, фотографијата и видеото. Стиховите и дневничките записи се проследени со инстаграм страница на книгата полна со рилови кои ја доловуваат внатрешната атмосфера на авторката во текот на пишувањето.

За книгата говореше поетесата Елена Пренџова и психологот Ана Чучкова и Весна Димитровска. Пренџова потсети дека дебитанска поезија на Даница И.Лепојевиќ беше наградена пред неколку години како дебитанска стихозбирка во рамките на Рациновите средби.

-Кога ја читате нејзината поезија забележувате некој прогрес.На почетокот Даница не верувала во женско писмо и токму сега зборуваме за нејзината личност и професионална трансформација.Даница појасни дека сите ние го перцепираме светот преку машкиот јазик тоа се вика менталитет на јазик,а различните јазици развиваат и менталитет на поинакво перцепирање на светот. Но од друга страна ние го перцепираме светот и преку нашиот пол,а жените се научени да го перцепираат светот преку машката перспектива.Тука во оваа книга  ја добивате онаа трансформација кога жената ја напушта таа перцепција и се трансфирмира во сопствената женска перцепција,појасни Пренџова.

Уредничката на издавачката куќа „Полица“, Зорица Теофилова, појасни дека книгата е необична бидејќи покрај стихови има и дневнички записи и мултимедијалност.

Авторката рече: Оваа збирка  е искрена ЈАС: расечена, искрвавена низ стиховите, распослана по страниците, пишувана растена и обликувана со многу искреност,страст,нежност и копнеж. Таа  најави дека многу наскоро ќе ја промовира и својата четвртта стихозбирка на која интензивно работи.

За време на промоцијата стихови  читаа авторките Ирена Јурчева, Лили Арсова, Соња Карбева и Дора Попова Узуновски.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.