Велешанката Вероника Саздовска со две нови книги – гласот на младите низ поезија и борба

Младата велешанка Вероника Саздовска преку литературата зборува за тишината во која живеат многу млади – осаменоста, стравовите, борбата со анксиозност и депресија. По нејзината прва книга „Среќната девојка“, таа повторно се обраќа на читателите со две нови изданија – „Без крај“ и „Животот е убиец, а ти борец“ – во кои отворено и храбро пишува за внатрешните битки што многумина ги водат без глас.
Дваесет и три годишната велешанка за Дума.мк изјави дека љубовта кон пишувањето започнала уште на 10-годишна возраст, а денес тоа претставува нејзино средство за самоизразување и разбирање на светот околу неа.
-Моето пишување ми служи како средство за самоизразување и истражување на светот. Би сакала моите книги да допрат и да ги инспирираат душите на другите. Ексклузивно ќе откријам дека наскоро ќе биде објавена и мојата четврта книга која е мистерија/трилер со наслов „Непознат број“ – оној кој знае, молчи, објасни Саздовска.
Новите книги носат силни психолошки пораки и се насочени кон младата публика, особено кон оние кои се борат со анксиозност, осаменост или депресија. Авторката вели дека сака преку литературата да понуди поддршка и разбирање за сите што се чувствуваат изгубено.

„Без крај“ е поетска збирка која се занимава со темата на постојаното присуство и развој на поезијата во нашите животи. Во еден свет преполн со брзина и надразнувачи, книгата поставува прашањето: дали вистинската поезија може да биде вечна сила која нè менува и води напред?
„Животот е убиец, а ти борец“ претставува мотивациска и лична приказна за борбата со страдањата и предизвиците на животот. Книгата нуди увид во психолошките механизми на отпорност и ја истакнува храброста како суштинска алатка за секоја животна битка.
Промоцијата на двете книги ќе се одржи во вторник, на 15 јули, со почеток во 19:30 часот, во медијатеката на велешката градска библиотека. Промотор на вечерта ќе биде Десанка Николова, а рецензент Анде Д. Јанков.
Стефани Манева

