Во Велес одржана научна конференција посветена на Рацин

Поетот Кочо Рацин и годинава беше во фокусот на научната и културната јавност, откако во рамките на 62. Рацинови средби во Велес се одржа значајна научна конференција посветена на неговото влијание врз современиот македонски јазик и книжевност. Настанот се одржа во фоајето на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“, а го организираа Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и Општина Велес.


На конференцијата беа презентирани научни трудови и анализи кои го истражуваат влијанието на Рациновото творештво врз развојот на современиот македонски јазик, литературен израз и културна мисла. Истражувачите укажаа на силната симболика на неговата поезија, како и на неговата улога како еден од пионерите во кодификацијата и унапредувањето на македонскиот литературен јазик.


Чествувањето на делото и ликот на Кочо Рацин продолжува вечерва со полагање свежо цвеќе на неговото вечно почивалиште и пред споменикот поставен во дворот на Гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес.

Во рамките на вечерната програма ќе биде отворена и изложба на скулпторот Ангел Коруновски, по што ќе следи свеченото отворање на Рациновите средби, манифестација која со децении го негува и промовира делото на еден од најзначајните македонски поети и културни дејци.
Стефани Манева
