„Насликај го својот живот“: Изложба на чешкиот уметник Онджеј Мишек во Велес

Објавено на 9 април, 2025 во 13:34

Десет големи дела, создадени за време на пандемијата од страна на чешкиот уметник Онджеј Мишек, вчеравечер беа изложени во Ликовен салон во Велес. Делата кои ја сочинуваат изложбата „Насликај го својот живот“ се инспирација на уметникот од претходни скици направени додека работел во Бангкок.

Изложбата е поделена на два дела: еден поврзан со неговите студентски денови во Полска, а другиот со искуствата од Тајланд. Делата обработуваат теми од посткомунистичката транзиција, урбани сцени, како и лични приказни од неговиот престој во Азија.

„Оваа изложба е моја лична приказна – од младоста во Варшава до зрелите години во Бангкок. Секој цртеж е фрагмент од животот што го живеев“, изјави Онджеј Мишек кој моментално живее и работи во Прага.

Особено внимание привлекуваат делата инспирирани од времето кога работел како менаџер во клуб во Бангкок – комбинација од џез, боречки вештини и ноќен живот, кои авторот ги пренел преку силна боја и типографија.

„Секој текст во сликата е дел од неа, не е само додаток – тоа е филозофија што ја носам од академијата“, додава уметникот.

Неговиот стил се карактеризира со современо фигуративно сликарство со интегрирана типографија, инспирирана од неговото образование во графички дизајн. Изложбата вклучува и краткометражен арт филм со видео-проекција од процесот на создавање на делата.

По Велес, таа ќе биде претставена и во Кавадарци, како и во неколку градови во Србија.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.