СДСМ: Реагираме на поставувањето на партиски знамиња на ВМРО ДПМНЕ на столбовите за јавно осветлување во Велес
Согласно Изборниот законик и согласно Распоредот за плакатирање, издаден од Градоначалникот Чадиев, точно се определени местата во градот каде треба да се истакнуваат изборни плакати, а не партиски знамиња. ВМРО ДПМНЕ ништо не почитува, реагираа денеска од СДСМ на поставувањето на партиски знамиња низ улиците во градот.
„На општински имот да се поставуваат партиски знамиња? Има ли некој повикан во Општина Велес кој се грижи за ова? Во Велес можат да се видат повеќе партиски знамиња на ВМРО ДПМНЕ, отколку што се поставуваат државни и општински знамиња за време на било кој државен, или општински празник? На што личи ова, освен на партиска држава? Дали се точни нашите информации, кои говорат дека партиските знамиња на ВМРО ДПМНЕ ги поставувала токму онаа фирма, која го има добиено тендерот од Општина Велес за сервисирање, монтажа и одржување на јавното осветлување во градот, запраша Аце Домазетов од СДСМ.
Од партијата побараа брза реакција од страна на Градоначалникот Чадиев, уште во текот на денешниот ден, заштита на општинскиот имот и отстранување на партиските знамиња на ВМРО ДПМНЕ од столбовите низ улиците на градот.
